Дел од моштите на големиот христијански светител Свети Василиј Велики доби манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица, дебарско. Моштите на еден од најголемите личности во историјата Црквата Христова и неуморен проповедник на правата вера од првите векови пристигнале вчера во манастирот. Тие се подарок од јеромонахот Стефан Симион од Православната црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во Италија, во регионот Лацио.
-Препознавајќи него жив и силен континуитет на светоотечкото предание, игуменот отец Стефан одлучил оваа скапоцена реликвија да ја испрати токму во манастирот Рајчица, доверувајќи го нејзиното пренесување на искушеничката Луминица, член на сестринството на Обителта – се наведува во објавата на Бигорскиот манастир.
Историјата на оваа света реликвија дополнително го потврдува нејзиното исклучително значење.
-Светите мошти му биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на Католичката црква, кои низ историјата биле пренесени од Истокот. За нивната автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, втиснати под самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој тие се положени, објаснуваат од манастирот.
Со ова, дел од моштите на овој голем светител трајно ќе престојуваат во манастирот во Рајчица каде верниот народ отсега ќе има можност да побара молитвено застапништво пред моштите на овој велик Христов јерарх.
Свети Василиј Велики, роден во 330 година во Неокесарија, во Понт, а починал во 379 година, во црквата се смета како голем поборник за православната вера, пристаниште на моралната чистота и столб на Црквата. Се смета за основач на монашката традиција во источното православие. Како светец бил прогласен по неговата смрт. По Божик, православните христијани на 14 јануари, го одбележуваат денот на свети Василиј Велики во народот познат и како Василица односно Стара нова година. Дел од останките на Свети Василиј се наоѓаат и во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица. (Б.Ѓ.)












