Доаѓа први март, кога, во чест на мистериозната Баба Марта и доаѓањето на пролетта, се плетат уникатни мартинки. Се изработуваат од бел и од црвен конец, а, традиционално, и се подаруваат. Според традицијата, на првиот ден од март, најстарата жена во семејството врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинката е висулец од засукани конци што се става на 1 март за здравје, во Македонија, Бугарија, Романија, Грција и во Србија. Таа се изработува од волнено или од памучно предиво во две основни бои – бела и црвена. Овој празник уште се нарекува и празник на Баба Марта.
Во нашата земја, овој обичај е прогласен за културно наследство од особено значење, а во 2017 година била донесена одлука за запишување на обичајот мартинки во претставителниот список на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.Станува збор за многу архаичен обичај, кој е присутен на просторот на Балканскиот Полуостров и во соседните региони не само со векови туку може да се каже и со милениуми.
Овој обичај се јавува во неколку форми, во зависност од државата во која се практикува.
Покрај вообичаеното народно толкување дека се носат мартинките за здравје и среќа во текот на претстојната година/лето, постои толкување и дека се носат за заштита од змии, т.е. луѓето да немаат проблеми со змиите во текот на летото.
Самите мартинки, според традицијата, вообичаено се изработуваат вечерта спроти 1 март или, пак, во некои предели на самиот празник, пред изгревот на сонцето.
Мартинките вообичаено се носат неколку дена во текот на март и најчесто времетраењето на носењето на овие своевидни амајлии за заштита на луѓето од зло, несреќа и разни неволји, односно да им донесе здравје и среќа (касмет), зависи од доаѓањето на преселните птици од југ. Имено, според народното толкување регистрирано во некои предели во источниот дел на Македонија, мартинките се носат сѐ додека не се здогледа првата ластовичка или штрк, кога, според обредната практика, се симнуваат од раката и се ставаат под камен. Во некои западномакедонски предели, пак, кога се симнува, мартинката се остава на гранче (грмушка) од трендафил (ружа) или се закачува на расцутено дрво.












