Обилните врнежи предизвикаа излевање на повеќе реки и поплавување на куќи, дворови и земјоделски површини во Гостиварско, Кичевско и во Липковско. Во Кичево се евакуирани околу 220 лица, а интервенции има и во Скопскиот и во Кумановскиот Регион. Надлежните служби се постојано на терен и го следат водостојот на Вардар, Треска и на Црна, кои и натаму се на критичното ниво. Метеоролозите најавуваат нови врнежи и силен ветер, што ја зголемува опасноста од дополнително излевање. Се повикуваат граѓаните за зголемена внимателност и почитување на препораките од институциите

Обилните врнежи што ја зафатија Македонија изминатите денови предизвикаа сериозни проблеми во нејзините западни и  северозападни делови, каде што се регистрирани излевање на реки, поплавени куќи, дворови, подруми, земјоделски посеви и оштетување на инфраструктурата. Водостојот на повеќе реки е исклучително висок, а најкритична е состојбата во Гостиварско и во Кичевско, каде што беше извршена и евакуација на населението.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, по пријавите пристигнати на бројот 112 и по барање на општините, на терен интервенираат тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, во координација со локалните власти, противпожарните служби, полицијата и комуналните претпријатија. Активностите се насочени кон испумпување на водата од поплавените објекти, расчистување на наносите и обезбедување на загрозените подрачја.

Во Гостиварскиот Регион, најпогодено е селото Форино, каде што има излевање на реката Вардар и поплавени земјоделски површини, а постои ризик и за објектите во близина на мостот кон Тумчевиште. Поплавени се и површини во Чајле, Турчане, Врапчиште и во Беловиште, а противпожарните екипи интервенирале цела ноќ. Во Кичевско, по излевањето на Зајашка Река, поплавени се повеќе куќи, особено на улицата „Прилепска“, а евакуирани се околу 220 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Заезерување е регистрирано и во населбата Подварош, а поплавени се и делови од кичевската болница. Ангажирани се и екипи на Црвениот крст за достава на храна и вода.

Во Липковско, поради излевање на Слупчанска Река, поплавени се земјоделски површини во селото Опае и во Оризаре, додека во Кумановско се следи состојбата кај Кумановска Река. Во скопската општина Сарај, каде што претходно беа поплавени над 30 куќи во селата Буковиќ и Семениште, состојбата се стабилизира, но се останува на терен. Минимално излевање на Вардар е забележано и во Зелениково, без непосредна опасност.

На актуелната состојба реагираше и Кире Михаилов, заменик-генерален директор на ЈП „Национални шуми“, кој предупреди дека уништените шумски предели на Скопска Црна Гора може дополнително да ги засилат последиците од поројните дождови. Тој посочи дека поради масовната сеча во изминатите години, намалена е природната заштита од ерозија и задржување на водата, што може да доведе до силни порои и наноси кон Кумановско-липковскиот Регион.

– Доколку се случат обилни поројни дождови, поради уништената шума, може да дојде до големи ерозивни појави и силни води, кои ќе направат огромни поплави – предупреди Михаилов, додавајќи дека штетите од нелегалната сеча имаат далекосежни последици врз екологијата и безбедноста.

Вчера водостојот на Вардар во горниот тек и натаму беше исклучително висок, со опасност од излевање, додека реката Треска, и покрај благото намалување, останува на критичното ниво. Зголемен водостој бележи и реката Црна, каде што е можно локално заезерување во Демирхисарско и во Пелагонија. Висок водостој се очекува и во средниот и во долниот тек на Вардар, кон Демир Капија и Гевгелија. УХМР предупредува за внимателно движење покрај реките и суводолиците.

Според прогнозата на УХМР, најмногу дожд за едно деноноќие наврнал во Гевгелија, а значителни количества се измерени и на Попова Шапка, во Крива Паланка, Штип и во Скопје. Утре, во текот на денот повторно се очекуваат врнежи, кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места – од дожд и снег. Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен северен ветер. Во Скопје, денеска се очекува облачно време со врнежи од дожд. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат препораките на институциите додека постепено да се стабилизира состојбата со високиот водостој.

Волонтерите на Црвен крст обезбедуваат помош и поддршка за погодените од поплавите

 Волонтерите на Црвениот крст на Република Македонија продолжуваат да бидат на терен, активно обезбедувајќи помош и поддршка за семејствата погодени од поплавите низ земјата. Тие дистрибуираат хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, топли оброци, вода, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства, со цел да им помогнат на жителите кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди.

Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка, разговарајќи со погодените, нудејќи емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие учествуваат во евакуација, вршат проценка на потребите на населението и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со кризата.

Во општина Кичево, поплавите принудија да бидат евакуирани вкупно 250 лица, меѓу кои 61 дете и 11 лица со инвалидитет. Најпогодените домаќинства, вкупно 362, се со околу 1.200 жители кои се соочуваат со последиците од непогодата. Евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедуваат основни услови за престој.

(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски

ИЗДВОЕНИ