Зелените од Гази Баба и загрижените граѓани апелираат и ги повикуваат општествено одговорните компании на територијата на Општина Гази Баба, заедно со Град Скопје, како и со надлежните институции, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, итно да помогнат во уредувањето и организирањето на парк-шумата Гази Баба за да не дојде до појава на пожар.
– Сега е вистинскиот момент да се дејствува, потоа ќе биде доцна – потенцираат загрижените граѓани.
Тие додаваат дека под таа привидна природна убавина се крие огромна закана. Велат дека ниската вегетација помеѓу високата расте без контрола, дека е висока тревата и дека во ек на сушење, буквално е бомба подготвена за палење.
– За кратко време, при високи температури, само една искра, намерна или случајна, и парк-шумата Гази Баба ќе стане пекол за Скопје. И тогаш она што го направи Пиколомини со Скопје ќе изгледа како детска игра. Ќе биде предоцна за солзи, извештаи и за одговорност. Ќе останат само чад, пустош и срам. Пиколомини наводно имал причина. Која ќе биде вашата? Вие лично ќе бидете одговорни. Не може да кажете дека не сте биле информирани. Ако не знаете како, прашајте ги Секторот за шумарство во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и експертите од Шумарскиот факултет – нагласуваат загрижените граѓани.
Тие бараа итно да се искоси тревата и да се расчисти ниската вегетација по должина на патеките и длабоко во шумата, да се ангажираат јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, јавното комунално претпријатие на Општина Гази Баба и да се ангажира механизацијата.
Воедно, да се координираат Шумската полиција, ДЗС, ЦУК и Територијалната противпожарна единица. Министерството за животна средина и просторно планирање да интервенира и да изврши притисок врз наведените институции, бидејќи се работи за заштитено подрачје под надлежност на Град Скопје.
– Доколку институциите не постапат итно, граѓаните, спортските клубови, извидничките одреди и невладините организации да се самоорганизираат и да преземат мерки пред да биде предоцна. Граѓанската одбрана не значи само протести туку и грабнување на тримерите, косилките в раце. Ајде да дејствуваме! Или ќе дејствуваме сега или ќе броиме жртви и хектари изгорени зелена меморија, убавина и среќа – предупредуваат загрижените граѓани.
(А. П.)