сабота, февруари 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Под лупа ресторани, месарници и рибарници, изречени 60 парични казни

Под лупа ресторани, месарници и рибарници, изречени 60 парични казни

76

Во пресрет на новогодишните и на божиќните празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со цел да обезбедат висок степен на заштита на здравјето на потрошувачите, покрај редовните, спроведува и засилени, вонредни контроли кај сите оператори со храна. Овој период, акцент на контролите беше ставен на операторите кои организираат предновогодишни и новогодишни прослави, и во месарници, месарници со работилница, рибарници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, каде што периодов има зголемена побарувачка и потрошувачка на храна.

– На територијата на цела држава се спроведени вкупно 423 надзори во гостилници и ресторани и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло. Генералните неусогласености утврдени со контролите се однесуваат на неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените лица, неусогласености во однос на хигиенските и на микробиолошките барања за безбедност на храна и вода, нерегистрирани правни лица како оператори со храна во АХВ. Кај неколку оператори е најдена небезбедна храна и храна со поминат рок, утврдено е несоодветно складирање и селектирање на храна, нередовно ажурирање на записите за Добра хигиенска практика, Добра производствена практика и ХАЦЦП, неспроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, како и неземени мостри од храна за лабораториско терстирање, производи без декларации и со нецелосни и нејасни декларации и други помали недоследности, за што се издадени соодветни решенија – велат од АХВ.

Со спроведените контроли и утврдените недоследности се изречени 60 парични казни во вредност од преку 33 илјади евра во денарска противвредност за операторите и одговорните лица во нив. Изречени се и соодветни опомени и издадени решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности. Како небезбедни, уништени се преку 624 килограми небезбедна храна, од кои 567 килограми производи од месо.

– Како одговорна институција, апелираме до граѓаните во пресрет на новогодишните празници да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите, како и на тоа каде се чуваат. Во домаќинствата е важно да се внимава на хигиената, подготовката на храната и на нејзино чување на соодветна температура – стои во апелот од АХВ.

ИЗДВОЕНИ