Под лупа на светските сили: Далај Лама го слави 90-тиот роденден, најавува наследник

76

Изборот на наследник на 14-тиот Далај Лама, кој во недела полни 90 години, станува сè пожешка тема, не само меѓу будистите, туку и во односите меѓу Кина и Индија и САД, поради неговите широки религиозни и геополитички импликации.

Во својата неодамна објавена книга „Глас за безгласните“, Далај Лама рече дека неговиот наследник ќе се роди надвор од Кина и дека ќе објави дополнителни детали за процесот на наследување околу неговиот 90-ти роденден, пренесува Ројтерс.

„Ќе има одредена рамка за дискусии за продолжување на институцијата Далај Лама“, изјави тој на собир во Дарамшала денес, без понатамошни појаснувања.

Тибетската влада во егзил објави дека е воспоставен систем за продолжување на духовната и административната лоза, а Фондацијата Гаден Фодранг, која Далај Лама ја основа во 2015 година, ќе биде одговорна за пронаоѓање и препознавање на неговата реинкарнација.

Официјален Пекинг, сепак, тврди дека, според законите и обичаите што датираат од династијата Ќинг, има право да го одобри изборот на Далај Лама, инсистирајќи дека реинкарнацијата мора да се случи во Кина и дека изборот треба да се спроведе преку традиционалниот ритуал „златна урна“.

Кинеското Министерство за надворешни работи неодамна објави дека Далај Лама нема право да зборува во име на тибетскиот народ, нарекувајќи го политички егзил.

Самиот Далај Лама остро го отфрла секој обид на Кина да се меша во изборот на неговиот наследник, велејќи дека тибетските будисти не треба да прифатат „кандидат избран од политички причини, вклучително и оние од Народна Република Кина“.

Индија, дом на повеќе од 100.000 тибетски будисти, одржува неутрален, но заштитнички став кон Далај Лама, чие присуство во земјата има и симболично и стратешко значење во односите со Кина.

Соединетите Американски Држави постојано го нагласуваат своето противење на какво било кинеско влијание врз изборот на идниот Далај Лама, а во 2024 година Конгресот на САД донесе закон со кој ја повикува Кина да преговара за автономија на Тибет.

Тибетскиот духовен водач, добитник на Нобелова награда за мир, е во егзил во индискиот град Дарамшала од 1959 година, по неуспешното востание против кинеската власт, пренесе Танјуг.

ИЗДВОЕНИ