На десетици локации во Македонија денеска имаше активни пожари. За справување со некои поголеми, ангажирани се полициски и армиски хеликоптери и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и голем број пожарникарски возила, пожарникари, локално население, доброволци…
Рано изутринава, голем пожар настанат при горење на отпад за железарија во скопско Визбегово предизвика голем црн облак од чад, кој прекри голем дел од Скопје, а граѓаните дишеа токсичен воздух. Мерните станици преку целиот ден покажуваат високи концентрации на загадувачки честички, опасни за здравјето на луѓето. Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, за весникот ВЕЧЕР изјави дека чадот е опасен за сите, особено за децата и за младите.
На десетици локации во Македонија денеска има активни пожари. За справување со некои поголеми, се ангажирани полициски и армиски хеликоптери и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и голем број пожарникарски возила, пожарникари, локално население, доброволци…
Рано изутринава, голем пожар настанат при горење на отпад за железарија во скопско Визбегово предизвика голем црн облак од чад, кој прекри голем дел од Скопје. Иако беа упатени неколку пожарникарски возила да го изгаснат пожарот, не се случи тоа за брзо време, бидејќи пожарникарите не можеа да се приближат до местото каде што гореа стари автомобили. Ситуацијата дополнително се комплицира поради низата експлозии што се случија. Од скопската Пожарна и од МВР информираа дека во некои од старите автомобили што гореа имало вградено плински боци, поради што одвреме-навреме се слушаа експлозии. За безбедност, беа евакуирани дел од жителите околу депонијата во Визбегово.
Беа ангажирани булдожери за расчистување на патот до местото на пожарот, а во акцијата за гаснење беа вклучени еден „ер трактор“ и два полициски хеликоптера. При интервенцијата беше повреден еден пожарникар, кој итно беше пренесен во болница. До затворањето на весникот, интервенцијата со цел да се стави пожарот под контрола продолжи за да се спречи загрозување на животите на луѓето и нивните имоти.
Полицијата го приведе сопственикот на отпадот, кој даваше отпор, по што настана физичка пресметка. На местото на настанот беше нападната телевизиска екипа од вработен на депонијата и, според некои информации, тој ја скрил камерата на екипата. Според градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, сопственикот на отпадот имал дозвола за работа од МЖСПП издадена во 2019 година, но нејзината важност изминала во февруари годинава.
– Во ноември 2024 година, поднесоа ново барање до Општината, но кај нас се бара само мислење за продолжување на дозвола за работа. Ние тогаш дадовме позитивно мислење – изјави Дудуш.
Активни уште десетина пожари
И покрај тоа што првично беше локализиран, поради ветерот, повторно се разгоре пожарот кај селото Блаце. Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека поради повторно разгорување на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Скопје – ГП Блаце, во двата правца и дека е затворен и граничниот премин Блаце.
– МВР работи во координација со другите надлежни институции, презема мерки за гаснење на пожарот. Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гаснењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста – потенцираа од МВР.
Денеска се појави пожар и кај селото Лозаново, Општина Крива Паланка. Градоначалникот Сашко Митовски рече дека пожарот кај Лозаново е закана за домовите на жителите и побара итна интервенција од институциите. Тој нагласи дека и градот се наоѓа под закана на најголемата огнена стихија во последните неколку години во овој регион и упати апел за смиреност, но и за помош од соседните општини, од државата и од доброволци.
– Апелирам и алармирам за смиреност, но во ист момент апелирам и за помош од сите соседни општини, за државна помош, вклучувајќи ја целокупната државна механизација што е на располагање, затоа што, верувајте, во опасност се наоѓаат, директно, населеното место Лозаново и домовите на луѓето. Апелирам, како што кажав, за смиреност и за вклученост на сите граѓани, на сите оние што може да дојдат тука, на самото место, да помогнат во спречувањето на ширењето на огнената стихија – порача Митовски.
Денеска е критичен и пожарот кај селото Николич, Дојран, кој гори три дена и каде што при гаснењето учествуваше хеликоптер, кој полнеше вода од мала брана во близина. Иако станува збор за пожар на исклучително стрмен терен, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, даде оптимистичка изјава дека ќе биде ставен пожарот под контрола.
Денеска и натаму гори пожарот кај Самоков, Општина Македонски Брод, како и оној кај селото Рамне, кој е проширен од фабриката во Самоков. Во оваа општина, активен е и пожарот меѓу селата Црешнево, Локвица и Слатин, каде што горат деградирана дабова шума и грмушки. Гореа ниска вегетација и грмушки кај селата Крушевица и Крњево во Општина Кавадарци.
Пожарот кај Визбегово ги запали во црвено мерните станици во Скопје
Токсичен воздух дишеа скопјани вчера поради големиот пожар на отпад за железарија во скопско Визбегово. Мерните станици на Државниот мониторинг систем на МЖСПП преку целиот ден покажуваат високи концентрации на загадувачки честички, опасни за здравјето на луѓето.
Весникот ВЕЧЕР ги праша лекарите колку е опасен и отровен чадот што се ослободува од горењето на отпадот, за здравјето на луѓето. Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, вели дека е опасен чадот за сите, особено за децата и за младите.
Откако се прошири црниот чад и практично го покри источниот дел од градот, жителите во близина почувствуваа печење и душење од загадениот воздух со отровни честички.
– Кога горат пожарите, се ослободуваат отровни гасови како јаглероден диоксид, сулфур диоксид и мазутни оксиди, меѓутоа посебен проблем и опасност се депониите, кои, за жал, ги палат некои неодговорни граѓани, веројатно со цел да си го расчистат ѓубрето, кое, пак, кога гори, ослободува многу отровни гасови. Покрај погореспоменатите, се ослободува и цијан водород, кој е многу токсичен, како и пареи на тешки метали, кои на краток, но и на подолг рок може да предизвикаат сериозни нарушувања, особено кај децата и кај младите до 20 години. Ситуацијата е исклучително сериозна, бидејќи ветрот ќе ги донесе тој чад и пареата во градот и нема да биде пријатно. Граѓаните да не излегуваат надвор доколку повторно се случи палење на депонија во близина на градовите – порачува доктор Чибишев.
И од Институтот за јавно здравје апелираат до граѓаните кога има многу чад од пожар, да се затворат вратите и прозорците, да се запечатат процепите околу прозорците и вратите со влажни крпи или со самолеплива лента. Доколку мора да излезат, да користат маски со филтрација, а доколку немаат, да ги покријат носот и устата со влажна крпа додека се евакуираат.
– Децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични болести да останат во најзаштитените простории. При појава на симптоми (отежнато дишење, кашлица, вртоглавица), веднаш да се побара медицинска помош. Знајте ги најкратките и најбезбедни патишта за евакуација. Ако некој има симптоми на труење со чад, изнесете го на свеж воздух и побарајте медицинска помош – пишува во препораките на ИЈЗ.
(С.Бл. – П.А.)