Почнува трката за нов шеф на Антикорупциска, кој ќе го обелува образот по аферата со Димитровска?!

По оставката на Татјана Димитровска, Собранието распишува оглас за избор на нов претседател на ДКСК. Пријавувањето на кандидатите ќе трае 10 дена од објавувањето во „Службен весник“. Постапката за селекција ќе се води според член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Клучната антикорупциска позиција остана празна пред локалните избори откако Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против сега веќе поранешната претседателка за две кривични дела. Изборот на наследник на Димитровска мора да се спроведе во кратки рокови и со јавност на постапката во период кога е институцијата без раководство, а пред врата се локалните избори

434

Во следните 10 дена, заинтересираните кандидати ќе можат да се пријават за да го пополнат испразнетото место на прв антикорупционер во државата, откако Собранието минатата недела ја констатира оставката на сега веќе поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, поднесена на 25 јули, за која Обвинителството за гонење организиран криминал има обвиненија за две кривични дела. Од Собранието информираа дека утре ќе биде објавен оглас за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата и согласно со процедурите, рокот за пријавување ќе трае 10 дена.

– Oгласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе биде објавен утре. Рокот за пријавување ќе трае 10 дена. Понатамошните фази од постапката ќе се спроведат согласно со роковите и со процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси – соопштија денеска од Собранието.

Собранието го објавува огласот во „Службен весник“ и во најмалку три дневни весници. Рокот за пријавување кандидати за огласот е десет дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“.

Според Законот за спречување корупција, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира комисија за селекција на кандидатите за претседател и за членови на ДКСК. Таа ги проверува документите и ги селектира кандидатите и во рок од пет дена од објавувањето на листата, се организира интервју на кандидатите што ги исполнуваат условите по закон, кое се емитува на Собранискиот канал. Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ѝ ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена му ги предлага на Собранието најдоброрангираните кандидати на единствена предлог-листа за претседател и за членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати. По обвинувањата за Димитровска најнапред во случајот „Адитив“, ДКСК продолжи да одржува седници и да работи, а со неа претседава заменик-претседателката Билјана Каракашова-Шулев.

Имајќи го предвид најавеното распишување на локалните избори за 8 август, претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски, порача дека од една страна, треба да се почитуваат сите законски одредби, но, од друга страна, ДКСК треба да има претседател поради претстојните локални избори и оти ќе бидат консултирани сите потребни чинители за тоа.

Димитровска ја поднесе оставката на функцијата по големиот притисок во јавноста, иако во април годинава, преку соопштение, порача дека нема намера да даде оставка и побара да се почитува принципот на презумција на невиност. Во оставката, таа се повикува на чл. 14 од Законот за спречување корупција, без друго образложение.

Обвинителството за гонење организиран криминал ѝ поднесе обвинение за две кривични дела, и тоа за одавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат, затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

По предлог на Обвинителството, Судот ѝ ги одзеде пасошите, редовниот и оној дипломатскиот, кој го бараше откако стана претседателка.

Димитровска не одеше на работа од крајот на април до поднесувањето на оставката, а земаше плата, бидејќи обвинителот во случајот „Адитив“ предложи, а Судот издаде мерка забрана да има каков било контакт со предметите и со колегите. Претходно, Собранието не сакаше да се впушти во постапка за разрешување на Димитровска, бидејќи, како што кажа спикерот Африм Гаши, не била правосилно осудена и би се ставила под прашалник легитимноста на одлуката.

Сепак, Законот за спречување корупција во член 14, став 3 предвидел дека може да биде разрешен претседателот ако се утврди дека не ги исполнува условите од членот 11, а токму во тој член, еден од условите, меѓу другото, е да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ