Најголемата национална стопанско-туристичка и културна манифестација, фестивалот на виното и традицијата – „Тиквешки гроздобер 2025“, почнува денеска, а ќе трае до недела. Ќе изобилува со програма што ја спојува традицијата со модерното, локалното, регионалното
Посетителите на „Тиквешкиот гроздобер“, покрај бесплатен паркинг, ќе добијат и грозје, информираа од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев.
– На иницијатива од градоначалникот, сите гости што ќе го посетат фестивалот в петок, сабота и недела, на трите бесплатни влеза во градот, покрај насоките за паркирање, ќе добијат и симболично изненадување – пакетче со бело и со црно грозје од „Кав комерц Кавадарци“ – соопштија од Општина Кавадарци.
Притоа истакнаа дека, традиционално, на оваа стопанско- културна манифестација на која виното зборува, а музиката обединува, се очекуваат илјадници гости од земјава и од странство.
– Пакетчињата со грбот на Општина Кавадарци и со логото на „Тиквешкиот гроздобер“ се изработени во печатницата „Гинис“ од Прилеп за секој гостин да ги почувствува духот на нашиот град и традицијата на Тиквешијата – наведоа од Општина Кавадарци, повикувајќи на уште една незаборавна приказна под отворено небо.
Најголемата национална стопанско-туристичка и културна манифестација, фестивалот на виното и традицијата – „Тиквешки гроздобер 2025“, почнува утре, а ќе трае до недела. Ќе изобилува со програма што ја спојува традицијата со модерното, локалното, регионалното.
Утре, во рамките на програмата е Гроздоберската трпеза, која започнува во 10:00 часот, на улицата „Илинденска“, како и традиционалниот турнир „Сестри Китеви“, исто така во 10:00 часот, во СЦ „Јасмин“. Во 19:00 часот, во локалниот музеј галерија ќе биде отворена изложба на Мирослав Масин, а во 20:30 часот, во Паркот на Револуцијата е настапот на „Трио мањифико“.
Потоа следува голема забава на градскиот плоштад во Кавадарци, со настап на диџеј Оки Доки, во 20:00 часот, на Тајзи во 21:30 часот и на Теодора Џехверовиќ во 22:30 часот.
В сабота во 10:00 часот, во Паркот на Револуцијата, ќе се одржи Таблијадата, а во 12:00 часот, на улицата „Илинденска“ – тајна дегустација на вино. Програмата ќе продолжи со настапот на „Акустико лајт“, во 14:30 часот, во Паркот на Револуцијата, а во 18:00 часот, на улицата „Илинденска“ и на градскиот плоштад, ќе се одржи традиционалниот Тиквешки карневал. Терминот од 20:00 часот, во локалниот музеј галерија, ќе биде за фотомонографијата на Бранко Иванов, а програмата ќе продолжи на градскиот плоштад, каде што посетителите ќе имаат можност да уживаат во песните на групата „Куку леле“, во 21:00 часот, на Андријана Петрушевска во 22:15 часот и на Наташа Беквалац во 23:30 часот.
Последниот ден, недела, љубителите на старите автомобили ќе може да уживаат во изложба на олдтајмери, која ќе започне во 10:00 часот, на улицата „Илинденска“, а во 10:30 часот, на градскиот плоштад, најмалите ќе се забавуваат со песните од детскиот фестивал „Грозодоберче“. Во 11:00 часот, исто така на градскиот плоштад, ќе има моторели, а точно напладне – изложба на скулптури во Музејот на мирис и вкус. „Акустико“ ќе настапи во 14:30 часот, во Паркот на Револуцијата, а во 18:00 часот, на улицата „Илинденска“ и на градскиот плоштад ќе може да се проследи детскиот Тиквешки карневал.
Јаготка на шлагот ќе бидат настапите на музичките ѕвезди на градскиот плоштад, и тоа на „Либеро бенд“ во 20:30 часот, Марија Шерифовиќ во 22:30 часот и на Харис Џиновиќ триесет минути по полноќ.
(А. П.)