В среда, официјално ќе започне пријавувањето за јубилејното десетто издание на еден од најголемите спортско-рекреативни настани во Македонија – „Охрид трчат“, кое ќе се одржи викендов, од 5 до 7 јуни 2026 година.
– „Охрид трчат“ слави 10 години постоење, инспирација, пријателство и незаборавни моменти, кои го претворија настанот во вистински симбол на заедништвото, енергијата и на љубовта кон трчањето и градот Охрид. Во изминатата деценија, низ улиците на нашиот град поминаа илјадници натпреварувачи од земјава и од светот. Заедно создадовме движење што ги поврзува луѓето, ги руши границите и ја промовира Македонија како спортска дестинација. Овој јубилеј е празник на сите нас, тимот на „Охрид трчат“, тркачи, волонтери, партнери, институции и, над сè, граѓаните на Охрид, кои секоја година, заедно со сите нас, раскажуваат една од најубавите спортски приказни во Македонија – соопштија од атлетскиот клуб „Охрид трчат“, кој е организатор на оваа спортска манифестација.
Пријавувањето за јубилејното издание на „Охрид трчат 2026“ се врши онлајн, преку системот за регистрација, достапен на официјалната веб-страница www.ohridtrchat.com ,брзо, едноставно и достапно за сите.
Организаторите ги повикаа сите граѓани, тркачи, спортисти, компании и пријатели на трчањето да се регистрираат и да бидат дел од ова големо јубилејно издание.
– Да ја продолжиме успешната приказна, затоа подгответе ја опремата за трчање, мотивирајте го вашиот тим и станете дел од историјата на „Охрид трчат “ – потенцираат од атлетскиот клуб.












