Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (АФД), дискутираше за реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – клучен столб на Реформската агенда на државата.

Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на јавните институции за периодот 2025 – 2028, што претставува најмасовна и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти досега. Планот веќе е усвоен од Владата и е поддржан од вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата стратешка важност за модернизација на јавниот сектор.

Министерството за енергетика, како водечка институција, работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските од Планот, при што е предвидено секоја година да се реконструираат најмалку 3 % од вкупната подна површина на јавните згради, а мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја обнова. Во моментов се подготвува скопинг студија, со која ќе се утврдат параметрите за рехабилитација, како и критериумите за приоритизација на објектите.

Со реализацијата на овој план, државата очекува значително намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики. Оваа реформа е конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација, со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет.

 

ИЗДВОЕНИ