Почнува крајот на Шенген-системот, Европа се затвора сама во себе?

705

Според правилата на Европската комисија, внатрешните гранични контроли во рамките на Шенген-зоната се дозволени само под одредени услови и за ограничен временски период. Критичарите тврдат дека зголемените ограничувања укажуваат на пошироко повлекување од принципите на отвореност и единство што ги претставува Шенген

 

Од денеска Полска врши контроли на границата со Германија и со Литванија, а оваа нејзина одлука го отвора прашањето дали се распаѓа Шенген- системот, кој овозможува слободно движење низ Европската Унија.

Полска е само последна во низата земји што ја нарушија Спогодбата за слободно движење во рамките на ЕУ, воведувајќи контроли на внатрешните граници со образложение дека се привремени. Со ова, бројот на земји во Шенген-зоната што применуваат привремени контроли се зголемува на 12. Полскиот премиер, Доналд Туск, објави дека од 7 јули се воведуваат проверки на копнените граници со Германија и со Литванија, а како цел ги наведе контролата и минимизирањето на протокот на нерегуларни мигранти.  Според него, овој чекор станал неизбежен откако Германија одлучила да ги заостри контролите на своите граници.

– Германија одбива влез на мигранти, што создава тензии – истакна Туск.

Според правилата на Европската комисија, внатрешните гранични контроли во рамките на Шенген-зоната се дозволени само под одредени услови и за ограничен временски период. Но, некои членови на Европскиот парламент сметаат дека актуелните настани би можеле да претставуваат почеток на крајот на Шенген-системот.

– Секоја контрола што ја воведува Германија, поради нејзината централна позиција во Европа, предизвикува верижна реакција – изјави Биргит Ципел, пратеничка од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), додавајќи дека Шенген полека се распаѓа однатре, што, како што вели, ја загрозува не само економијата туку и довербата на европските граѓани во самата Европска Унија.

Германија ги контролира сите копнени граници, вклучувајќи ги границите со Полска, Австрија, Франција и со Чешка. Франција воведе гранични контроли со Белгија, Германија, Шпанија и со Италија, а Австрија со Словенија, Унгарија, Словачка и со Чешка. Холандија спроведува контроли на копнените, воздушните и на морските граници со Белгија и со Германија, а Данска – на копнената граница со Германија и на фериботските пристаништа. Проверките во Шведска се на важните пристаништа и премини кон Норвешка и кон Данска, Норвешка ги контролира фериботските пристаништа и копнените премини, Италија границата  со Словенија и делови од границата со Австрија и со Франција, Бугарија, која влезе во Шенген-зоната оваа година, врши селективни внатрешни контроли, особено по должината на границата со Романија, која, исто така, е нова членка на зоната, во Словенија под лупа се границите со Хрватска и со Унгарија, а во Словачка – со Унгарија и со Австрија. Белгија најави дека летово ќе почне со гранични контроли.

Критичарите тврдат дека зголемените ограничувања укажуваат на пошироко повлекување од принципите на отвореност и единство што ги претставува Шенген, пренесува „Блиц“. Покрај тоа, контролите не само што го нарушуваат секојдневниот живот на заедниците што живеат покрај границите, како и внатрешниот пазар, туку испраќаат и загрижувачка политичка порака: дека Европа се затвора сама во себе.

Иако Европската комисија нема моќ да ги блокира овие национални мерки, таа може да издаде необврзувачко мислење за нивната неопходност и пропорционалност. Останува да се види дали ќе биде доволно ова за да се запре постепената, но постојана ерозија на Шенген- моделот.

ИЗДВОЕНИ