Модерно решение со четири ленти, велосипедски патеки, средишно и заштитно зеленило и нови тротоари на делницата од „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“. Со реализацијата на овој булевар, градските власти очекуваат значително подобрување на мобилноста, намалување на сообраќајниот метеж и создавање функционална инфраструктура што ќе им служи на идните генерации

Скопје наскоро ќе започне со изградба на нов, модерен булевар во општина Чаир. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави реализација на основниот проект за булеварот „Македонско-косовска бригада“, на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“, во должина од 1,4 километри.
Според најавите, станува збор за значајна сообраќајна делница што ќе ги подобри поврзаноста и протокот во овој дел од градот, кој со години се соочува со зголемен интензитет на сообраќај.
Проектот предвидува четири коловозни ленти, по две во секоја насока, со средишно зеленило кое ќе придонесе за поголема безбедност и визуелно уреден простор. Планирани се и велосипедски патеки во двете насоки, како и нови тротоари со ширина од по два метри, со што ќе се овозможи побезбедно и покомфорно движење на пешаците.
Во рамки на проектот ќе биде засадено и заштитно зеленило од двете страни на булеварот, а предвидени се и проширувања кај автобуските стојалишта за полесен пристап и поголема безбедност на патниците во јавниот превоз.
– Ова е дел од визијата за град кој се развива плански и рамномерно, со јасна стратегија. Секоја инвестиција треба да значи подобар квалитет на живот, поголема безбедност и почиста урбана средина – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со подобрување на временските услови, напролет ќе започне градежната офанзива, најавувајќи инфраструктурни проекти во повеќе општини.
Со реализацијата на овој булевар, градските власти очекуваат значително подобрување на мобилноста, намалување на сообраќајниот метеж и создавање функционална инфраструктура што ќе им служи на идните генерации.
(А. П.)












