Почнува фестивалот за класичен балет и за модерен танц

24

Во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, од утре до четврток, во Македонскиот народен театар ќе се одржи фестивалот за класичен балет и за модерен танц.

– Овој фестивал е единствен од ваков вид кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и во современиот танц – вели директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска.

Наградата за животно дело оваа година постхумно ќе му биде доделена на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност во нашата држава.

Организацискиот одбор на фестивалот едногласно одлучи наградата да биде именувана „Ѓорѓи Македонски“ и ќе ѝ биде доделена на Рисима Рисимкин како на авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво.

-Две фестивалски вечери и две работилници посветени на класичниот балет и на модерниот танц. Извонредни и талентирани танчари, балерини, уметници… Спој на луѓе што живеат и придонеле за македонската танцова уметност и на оние што ќе бидат иднината на танцовата уметност. Гости на двете фестивалски вечери ќе бидат балерините при Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, ќе има гости од Турција (Istanbul Junior Ballet) и од Канада, ќе учествуваат и Катедрата за современ танц и балетска педагогијa при УГД – Штип, балетското студио „Балерина“, солисти од Националната опера и балет и, секако, членовите на балетската секција од ДКЦ „Карпош“, кои ќе го отворат петтото јубилејно издание на фестивалот – информираше Лалчевска-Серафимовска.

Статуетките и оваа година се специјално изработени од „M Аrt Gallery“ за Фестивалот за класичен балет и за модерен танц, а како поддржувач оваа година е и „Mayo store“, а учениците од средното училиште „Димитар Влахов“ ќе се погрижат за шминката и за фризурата на дел од учесниците.

Фестивалот се организира со поддршка од Градот Скопје, како и од Министерството за култура и туризам.

 

 

ИЗДВОЕНИ