Новата анкета на „Емерсон колеџ“, која опфати регистрирани републикански гласачи, покажа дека потпретседателот Џеј Ди Венс веќе има огромна поддршка во неговата партија со 54 проценти, додека за државниот секретар Марко Рубио се одлучиле шест проценти. Кај демократите, 35 отсто од испитаниците се неодлучни, 24 проценти го избрале гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, а 10 проценти ја поддржале Камала Харис. Според општото конгресно гласачко ливче за наредната година, за демократите би гласале 44 отсто, за републиканците 40 проценти, додека 16 проценти се неодлучни.
Уште не помина една година откога Доналд Трамп стана претседател на САД, а веќе се вжештува трката за негов наследник на изборите на 7 ноември 2028 година.
Демократската противкандидатка на Трамп, Камала Харис, игнорирајќи ги грешките од минатото верува дека заслужува втора шанса. Гевин Њусом, гувернерот на Калифорнија, даде најјасен сигнал дека ќе се кандидира. Сепак, најголемото внимание е насочено кон републиканците. На површина излегоа две имиња, а републиканците му даваат предност на едното од нив. Тоа се потпретседателот Џ. Д. Венс и државниот секретар, Марко Рубио. Новата анкета на „Емерсон Колеџ“, која опфати регистрирани републикански гласачи, покажа дека потпретседателот Џеј Ди Венс веќе има огромна поддршка во неговата партија. Според таа анкета објавена во петокот, 54 отсто од републиканските гласачи го избрале него, што е зголемување од 30 отсто во однос на претходната анкета во ноември 2024 лани. Анкетата покажа и дека 25 проценти од републиканските гласачи се неодлучни. Вкупно седум отсто го избрале Трамп, и покрај тоа што нему не му е дозволено да се кандидира за трет мандат, иако минатата недела рече дека бара начин да ги заобиколи уставните ограничувања и да се кандидира пак. Државниот секретар Марко Рубио добил шест проценти поддршка, за гувернерот на Флорида, Рон Десантис, се одлучиле само два отсто, додека шест отсто би избрале некој друг кандидат.
Кај демократите, пак, нема толку фаворизиран кандидат како што е Венс кај републиканците. Анкетата покажа дека 35 отсто од демократските примарни гласачи се неодлучни, 24 проценти го избрале Гевин Њусом, 10 проценти ја поддржале Камала Харис, 9 отсто биле за поранешниот секретар за транспорт, Пит Бјутиџиџ, а конгресменката Александрија Окасио-Кортез добила 2 отсто од гласовите. Останатите 19 проценти од демократските гласачи избрале некој друг.
Трамп, пак, како што наведува „Гардијан“, има двајца фаворити: Венс и Рубио, иако искуството покажува дека неговите кандидати најчесто не успеваат, како на пример Мајк Пенс, Рекс Тилерсон, Мајк Помпео, Џон Болтон… Но Венс и Рубио веќе покажаа дека не се особено соодветни за високи функции, пишува надворешнополитичкиот коментатор Сајмон Тисдал за „Гардијан“.
– Тоа е избор помеѓу питбул и пудлица. Агресивен, гласен, досаден и повремено неверојатно неук, Џ. Д. Венс (41) е братот, и наследникот на тронот на кралот Доналд, кој мора да победи. Тој води со огромна разлика во раните анкети во републиканските прелиминарни држави. Неговиот јазик е вулгарен, неговите ставови едноставни. Кога беше сугерирано дека вонправната ликвидација на наводни шверцери на дрога во САД може да биде воено злосторство, тој напиша на „Икс“: „Не ме интересира како го нарекувате тоа“. Шармантно, наведува „Гардијан“, и додава дека ако Венс се кандидира, ќе мора јасно да ги искаже своите верувања, а проблемот е што тој самиот не знае – еднаш го нарече Трамп „идиот“ кого никогаш не би го поддржал.
Од друга страна, Рубио е сосема поинаква, тивка и донекаде пасивна фигура, и веројатно најслаб државен секретар во поново време. Додека Трамп ја води играта и го насочува вниманието кон Израел, Украина и кон Кина, 54-годишниот Рубио дејствува како реквизит, навивач и „поправач“. Неговата задача: да ги смисли лошо промислените, пренагласени договори на Трамп – невозможна мисија што тој не успева да ја исполни секојдневно. Според „Гаријан“, Рубио, кој е син на антикастровски мигранти, не беше секогаш толку слаб. Како кандидат за претседател во 2016 година, кандидиран против Трамп (кој го исмејуваше како „Малиот Марко“), тој се залагаше за традиционалните американски сојузи, човековите права и за странската помош.
Сепак, анкетите му даваат предност на демократски кандидат, за кој, според општото конгресно гласачко ливче, наредната година би гласале 44 отсто од гласачите. За републикански кандидат се нешто помалку, 40 проценти, додека 16 проценти се неодлучни.












