Започна првата фаза од проектот за реконструкција и замена на главната водоводна мрежа од азбестни цевки во Струга. Станува збор за капитален проект, финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, кој предвидува да се инвестираат околу 90 милиони денари (1,5 милиони евра) во првата фаза.
На отпочнувањето на работите присуствуваше првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој изјави дека со замената на азбестните цевки ќе се подобрат хигиенските услови и ќе се овозможи заштита на јавното здравје, преку целосна елиминација на ризикот од азбестните цевки во градскиот водоводен систем.
Проектот, појаснуваат од Министерството, опфаќа реконструкција на главната улица и 13 краци, во вкупна должина од 6,2 километри, со предвидено времетраење од 12 месеци.
Во многу општини сè уште се користат стари азбестни цевки за кои здравствените работници предупредуваат дека предизвикуваат многу тешки болести, а тоа е докажано и во мноштво светски студии.
Општо е познато колку е штетен азбестот. Кога станува збор за азбестни цементни цевки доколку се стари, а кај нас се стари, лесно можи да дојде до кршење, пукање на цевките и да дојде до мешање со водата кои граѓаните ја пијат секој ден.