Почна судењето за криминалната група Беланоца-Барон

Од безбедносен ризик следното рочиште во Идризово

1565

Специјалци со фантомки и вооружени до заби ги чуваа членовите на озогласената  криминалната група „Беланоца-Барон“ кои седнаа на обвинителна клупа на првото судење во Кривичниот суд во Скопје. Сите се претежно млади луѓе, дел од нив со луксузни часовници, делуваа како да се бизнисмени, а не обвинети за серија убиста за превласт на скопското подземје. Меѓу нив беше и лидерот на групата  Фатљум Ајети Тоте, потоа Акиф Равманоски кого претседателката Гордана Сиљановска Давкова го помилува, што предизвика огромни реакции во јавноста и Гани Туша осомничен за убиството на Орхан Бајрами викан Оки во Ханиоти во Грција. Обвинението е против девет лица, а други седум се во бегство и за нив е прекината истрагата. Поради неприсуство на неколку од адвокатите судењето се одложи, а следното се закажа во август во специјализираната судница во затворот Идризово поради безбедносни причини.

Групата е обвинета дека нарачувала и извршувала мафијашки убиства заради превласт во скопското подземје, одмазда, ниски побуди. Некои од убиствата се нарачувале од затвор, а во јавноста е познато тоа во „Шиша бар“ во скопската чаршија кога беа убиени водачите на спротивставената група „Дуќанџик-Грчеец“. Освен убиства, членовите на групата палеле објекти, автомобили и сериозно ја загрозувале безбедноста на граѓаните.

Според Обвинителството, во текот на 2020 година, тројца првообвинети создале организирана криминална група со цел извршување на сериозни кривични дела – пред сè убиства и други насилни дејствија. Организаторите на групата донесувале одлуки и давале конкретни насоки за цели, локации и начин на ликвидација на лица претежно од спротивставената криминална група. Дејствувале со јасна поделба на улоги, а плановите биле спроведувани од други членови – обвинети, починати или недостапни на органите на прогонот, а дел неидентификувани лица. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ