Со сечење на џиновската пастрмајлија на шеталиштето „Ванчо Прќе“ почна 17. издание на манифестацијата штипска „Пастрмајлијада“. По тој повод, во Штип присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, како и пратениците во Собранието, Никола Мицевски и Душко Иванов.
Николоски истакна дека ваквите настани и манифестации се значајни за локалните економии, кои со посета од страна на граѓаните ќе значи влез на неколку милиони евра во градот и за бизнисите.
– Мислам дека градоначалникот прави одлична работа. Сакам да му честитам за ова што го прави досега и убеден сум дека следниот период ќе има уште поголеми успеси и работи. Посакувам убава дружба и убави моменти да имаат не само штипјани туку сите кои ќе ја посетат манифестацијата – изјави Николоски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека во наредните два дена Штип ќе биде домаќин на голем број гости од земјава, но и од странство.
Џиновската пастрмајлија оваа година е рекордно голема и направена по стар штипски рецепт. Употребени се 17 килограми свежо свинско месо и околу 25 до 30 килограми тесто, како и два до три литри зејтин. Традиционално, ја подготвува Николче Малинов. Со нејзиното сечење на шеталиштето „Ванчо Прќе“ се означи стартот на годинашното издание на манифестацијата штипска „Пастрмајлијада“, која започна денеска, а ќе трае и утре.
Минатата година џиновската пастрмајлија тежела 15 до 16 килограми.
За нејзината подготовка се потребни околу два часа, а со печењето околу два и пол часа.
Манифестацијата „Пастрмајлијада“ почна од шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде е предвидена целодневна музичка програма и настап на локални музичари од Штип. Дополнително, на десет поставени штандови ќе се продава од штипскиот специјалитет – пастрмајлија, кој ќе биде достапен за посетителите по цена од 220 денари.