Во населбата Пинтија, во тек е голема реконструкција на улиците, на вкупна површина од 16.000 квадратни метри или во должина 3.300 метри улици.
– По завршувањето на изградбата на новата фекална канализациска мрежа, сега пристапуваме кон целосно обновување на уличната инфраструктура. Градежните активности ги опфаќаат улиците: „Саса 2“ со краците, „Саса 4“ со краците, како и „Саса 8“ и „Саса 10“ – информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Проектот е вреден 25,5 милиони денари, а средствата се обезбедени преку вториот владин повик за капитални инвестиции, со поддршка од Министерството за транспорт и врски, за кои аплицираше Општина Кисела Вода.
Според динамиката, реконструкцијата ќе биде завршена во рок од пет месеци.
Ѓорѓиевски вели дека во изминатите четири години биле направени сериозни инвестиции во Пинтија.
– Освен новата канализациска мрежа, првпат изградивме спортска сала во дворот на ПОУ „Рајко Жинзифов“, кое наскоро ќе биде целосно реконструирано и енергетски ефикасно. Изградивме и плоштад со детско катче, кое стана ново современо место за дружење и за рекреација на жителите – наведува Ѓорѓиевски.