Започна реконструкцијата, поточно, проширувањето на улица „Лазар Трповски“ (ул. „Ферит Мурати“), еден од најголемите и најзначајни инфраструктурни проекти во Чаир.
Почетокот на реконструкцијата на една од клучните сообраќајни артерии во овој дел од градот го означија скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Реконструкцијата подразбира поставување нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори со 200 паркинг-места и современ систем за јавно осветлување.
Меџити објасни дека во првата фаза на реставрацијата ќе се опфатат 600 метри од улицата, а средствата за оваа фаза, која чини 22 милиони денари, во најголем дел се покриени од Светската Банка, додека, пак, локалната самоуправа учествува со четири милиони денари.
Тој додаде дека вториот дел од реновирањето на „Лазар Трповски“, односно останатите 400-тина метри ќе се реализираат со поддршка од Владата и од Општината.
Според Меџити, градежните активности ќе опфатат и изградба на два нови кружни тека, еден на крстосницата со „Џон Кенеди“, а вториот кај основното училиште „Исмаил Ќемали“, како и реконструкција на постојниот кружен тек.
– Сите знаеме дека, во минатото, оваа улица беше црна точка на сообраќајната мапа на градот, место каде што премногу често се случуваа незгоди. Со оваа реконструкција ставаме крај на импровизациите и на небезбедните услови. Воведуваме јасна сигнализација, подобра прегледност и инфраструктура што одговара на реалните потреби на граѓаните. Чаир добива улица по европски стандарди, функционална, безбедна и модерна – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека, до крајот на годината, ќе започне и постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“– една од најважните градски трансверзали низ која секојдневно гравитираат повеќе од 100.000 граѓани и која поврзува неколку скопски општини.
– Овој проект ќе значи трајно решение за метежот, за небезбедноста и за долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница, каде што речиси секојдневно се случуваат незгоди – вели Ѓорѓиевски.












