Возила и контејнери – наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион денеска беа изложени во Новаци од каде и започна реализацијата на регионалниот модел за управување со отпад, со инвестиција од околу 11 милиони евра во опрема за селекција и транспорт. Станува збор за десет камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони од 12 кубни метри, еден кипер-камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
-Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин, добива еднаков третман и еднаква грижа од државата. Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии – по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос, воведуваме ред. Наместо импровизација, градиме систем – нагласи премиерот Христијан Мицкоски, на денешната промоција на опремата за селекција на отпад.
Тој додаде дека ова е дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад – прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.
-Проектот опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата. Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост- истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери.
-Со оваа инвестиција не исполнуваме само европски стандарди. Ние градиме држава во која чистата животна средина не е привилегија, туку право. Држава која мисли долгорочно. Држава која ги штити идните генерации- нагласи Мицкоски.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, најави дека проектот ќе опфати над 400.000 граѓани од 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион и оти е директно поврзан со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци, како и со претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар.
Додаде дека 2026 година ќе биде клучна за поставување на основната инфраструктура.
Тој најави дека во тек е подготовка на јавен повик за регионалната депонија за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која треба да биде реализирана во рок од шест месеци.
-Паралелно, се финализира постапката за депонијата во Полошкиот регион во Русино, а објавен е и јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион – истакна Хоџа.

Тој наведе дека со започнувањето на изградбата на три регионални депонии во 2026 година, државата влегува во нова ера на модерно, одржливо и европски усогласено управување со отпад.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кажа дека денес зборуваме за
еден многу значаен проект за животната средина во нашата држава, проект
кој бара системски пристап на повеќе институции на локално, регионално и
централно ниво за да резултира со трајни решенија за проблемот кој со
децении го чувствуваат граѓаните, а особено жителите на големите урбани
средини.
– Станува збор за Регионалниот проект за управување со цврст отпад, кој
не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери.
Тој е нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди,
одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на
Европската Унија. Општина Битола, како најголема општина во
Пелагонискиот регион е и една од општините кои се најголеми генератори
на комунален отпад во регионот, поради што имаме посебна улога и
одговорност во овој процес. За нас, овој проект значи крај на
импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо
управување со отпадот – рече градоначалникот Коњановски.

Коњановски потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе
се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, што е резултат на
регионална солидарност и заемната доверба меѓу општините и рече дека
Битола ја поддржува оваа одлука, затоа што само преку заеднички
решенија можеме да имаме чист регион и здрава животна средина.
– Со реализацијата на планираните активности, ќе се овозможи затворање и
санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставувањето на
нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево, што
ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на
почвата и подземните води, подобри услови за граѓаните, долгорочно
одржлив модел за сите општини во регионот – кажа тој.
Конкретните придобивки за општина Битола, како што рече Коњановски веќе
се видливи со испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за
собирање отпад, се создаваат услови за поголема покриеност со услуга и
во урбани и во рурални средини, поефикасно собирање на отпадот и
воведување селекција уште на местото на создавање.
Тој потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека
успехот на овој систем ќе зависи од тоа колку општините, јавните
претпријатија, институциите, но и граѓаните ќе ја прифатиме новата
култура на одговорно постапување со отпадот.
– Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните
партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за
сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се
грижиме за иднина на нашите граѓани – рече градоначалникот на Битола.
Преку ЕБОР, SECO, Инвестициската рамка за Западен Балкан, Владата на Шведска, се обезбедени околу 90 милиони евра за изградба на овие центри.












