Почна проектот „Заедно за инклузивна општина“

35

Здружението „Хендикеп плус“ во соработка со Општина Штип почна со реализација на проектот „Заедно за инклузивна општина“. Бранкица Димитровска од Здружението „Хендикеп плус“ изјави дека целта на проектот е насочена кон обезбедување на социјални промени во Општина Штип, а иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на локално ниво.

– Општина Штип е втора Општина чиј Статут ќе биде со знаковен јазик за глувите лица, а сега ќе го прикажеме и во аудиовизуелна форма. Исто така, во другиот дел од проектот се планира Статутот да биде на Брајово писмо – писмото за слепите лица. Сакаме да кажеме дека пристапноста не се однесува само на рампите до институциите, туку и на пристапноста до документите, до Статутот – истакна Димитровска и додаде дека лицата со попреченост треба да бидат вклучени и во донесувањето на одлуките, меѓу кои и буџетот на Општината.

Проектот се финансира преку Програмата за развој на Амбасадата на Бугарија. Амбасадорот на Бугарија, Жељаско Радуков, објасни дека оваа Програма обезбедува средства за реализација на проекти за лицата со посебни потреби, но и за реконструкции на училишта, градинки и други објекти.

– Секоја година нашата помош преку Програмата за помош и за развој изнесува околу еден милион евра. Овие пари се обезбедени за финансирање за различни проекти. Бидејќи сум нов амбасадор, ова ќе ми биде прво соочување со реализацијата на оваа Програма, а наскоро ќе ги презентираме сите нејзини можности –  вели Радуков.

Изминатиот период овој проект успешно се реализирал и во Крива Паланка.

 

ИЗДВОЕНИ