Градот Скопје почна со присилна наплата на данок на имот за 2021 година, со оглед на тоа што значителен број обврзници и понатаму не ги вратиле своите долгови.
Според градските власти, заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги исплатиле заостанатите обврски во износ од 20.107.103 денари кон Градот Скопје, откако на 9 декември 2025 година градските власти упатија јавен повик до сите даночни и таксени обврзници, правни и физички лица, кои имаат неплатени обврски по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина за изминатите години, да ги платат своите долгови во најкраток можен рок.
Утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го платиле долгот по основ на данок на имот за 2021 година, во вкупна вредност од 148.466.661 денари.
– За 16.372 даночни обврзници се изготвени и доставени Решенија за забрана на средства до деловните банки, додека другите 23.209 решенија ќе бидат доставени до крајот на оваа недела, со цел обезбедување наплата на неплатените обврски – информираат од Град Скопје.
Оттаму ги повикуваат сите граѓани и компании кои сè уште не ги исплатиле своите долгови по основ на даноците на имот и комунални такси, тоа да го сторат во најкраток можен рок, бидејќи присилната наплата ќе продолжи кон сите даночни должници кои имаат долг кон Град Скопје.
Увид во состојбата на сопствениот даночен долг може да се направи преку електронскиот портал на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml, каде што е овозможено и електронско плаќање.
–Исплаќањето на овие давачки претставува законска обврска и неопходен предуслов за нормално функционирање и развој на градот – нагласуваат градските власти.












