Meсната заедница Галичник го најавува почeтокот на подготовките за „Галичка свадба 2026“. Денеска е објавен конкурсот за избор на зет и невеста.
– „Галичка свадба“ не е само настан туку и живо културно наследство, завет и спомен што се пренесува низ генерации. И во 2026 година, во петровденскиот викенд, Галичник повторно ќе заживее со свадбените поворки, песните, ората, бајракот и свеченото руво, славејќи ја љубовта преку вековните обичаи – соопштија од месната заедница.
Оттаму ги покануваат сите заинтересирани двојки што сакаат да ја крунисаат својата љубов со венчавка во Галичник, на Петровден и да дадат завет пред Бога и традицијата, да се пријават на конкурсот за избор на зет и невеста за 2026 година.
Пријавувањето трае до 19.2.2026 година, а одлуката ќе биде соопштена во март.
– Заинтересираните двојки треба да испратат е-пошта на [email protected], со наслов: „За избор на зет и невеста – Галичка свадба 2026“, во која накратко ќе ги споделат своите приказна и мотивација. При изборот, предност ќе имаат двојките што имаат потекло од Галичник (двајцата или еден од партнерите), претходно биле дел од „Галичка свадба“ во друга улога, се активни и ангажирани во рамките на месната заедница и за кои ова ќе претставува прв црковен брак – информираат од месната заедница.
Деталните услови и потребната документација ќе бидат објавени со официјалниот конкурс.
Месната заедница Галичник ги охрабрува сите двојки што имаат почит, искреност и љубов кон оваа традиција, да се пријават. Така ќе станат дел од една од најзначајните културни манифестации во Македонија.
Лани, младоженци на „Галичка свадба“ беа Јован Филипоски, потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, за кои манифестацијата беше исполнување на животниот сон.












