Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ го најавија одржувањето на третата по ред манифестација „Сусурига“, што ќе се одржи на 21 февруари напладне, на градскиот плоштад.
–Целта на „Сусурига“ е масовно и достоинствено заживување на старата градска традиција на маскирање и палење ритуален оган по повод празникот Прочка. Програмата ќе опфати дефиле на пријавените маскирани групи од плоштад „Карпошово востание“ низ главната улица, до централниот градски плоштад, каде што ќе се одржи ревијален настап на сите учесници. Настанот ќе биде збогатен со гостувања на специјални групи од нашата држава и од соседството, препознатливи по своите традиционални ритуали, уникатна кореографија и атрактивни маски – информираа од Општина Крива Паланка.
Оттаму ги повикаа сите заинтересирани граѓани, маалски друштва и креативни групи да го пријават своето учество со групни маски, активно да се вклучат, да ја покажете својата креативност и заедно да придонесат кон зачувување и кон негување на традицијата и на културниот идентитет што ја обединува Крива Паланка и на тој начин да бидат дел од оваа уникатна културна манифестација.
Пријавувањето се врши преку пополнување формулар, достапен на веб-страницата на општината.
Пријавувањето трае до 16 февруари 2026 година.












