Започна пријавувањето за традиционалната „Дедомразовска трка 2025“, највеселиот и најпразничниот спортски настан што секоја година ги обединува децата, семејствата и сите љубители на празничната енергија.
Трката ќе се одржи на 28 декември 2025 година (недела), во 12 часот, со старт од плоштад „Македонија“.
– Оваа уникатна трка не е само натпреварувачка туку и забавна, а сите, без разлика на возраста, се добредојдени да се приклучат. Трасата е долга само два километри – совршена за деца, родители и за рекреативци. Децата можат да учествуваат во придружба на своите родители, создавајќи незаборавни семејни спомени. Оваа година, по прв пат е воведена и семејна пријава, која им овозможува на семејствата да трчаат заедно, создавајќи уште поубаво празнично доживување и спомени што траат – велат од здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, кое е организатор на настанот.
Според организаторите, интересот за овогодишната дедомразовска трка е огромен и веќе се бележи рекорден број пријавени учесници, што, како што велат, јасно покажува колку е овој настан прифатен од граѓаните.
Оваа трка одамна прерасна во вистински празник кој го става Скопје во друштво на големите светски метрополи кои традиционално организираат трки со дедомразовци.
Организаторите најавуваат незаборавна забава и магично доживување за сите генерации.
Пријавувањето за трката се одвива преку веб-страницата https://prvdovrv.mk/dedomrazovska и трае до 25 декември или до пополнување на капацитетот.
Со регистрацијата, секој учесник добива комплетен дедомразовски костум – палто, панталони, капа, ремен и брада за Дедо Мраз, или фустан и капа со плетенки за Баба Мразица и соодветни големини за децата според возраста. Трчањето во дедомразовски костум е задолжително за сите учесници во трката.
Најбрзите дедомразовци, бабамразици и мразулчиња ќе освојат медали и вредносни ваучери, а дополнително, преку новогодишна лотарија, на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби, без оглед на постигнатото време. За секое дете до 10 години, организаторот обезбеди и новогодишно пакетче.
Пред и по трката, учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во музичка програма, загревање со фитнес-инструктор и во церемонијата на прогласување на победниците.
Подигнувањето на стартните пакети ќе се врши од 10:00 часот на денот на трката, на плоштадот „Македонија“. Трката е поддржана и од Град Скопје.












