Прв чекор, по кој треба да следуваат и други за вистинско враќање на партијата на изворните социјалдемократски начела, но и сомнежи дека повлекувањето на раководството ќе смени нешто со истиот лидер. Со вакви коментари на актуелни и на поранешни членови и функционери на опозицискиот СДСМ, како и на политички аналитичари, е дочекано прексиноќешното колективно поднесување оставка на целото раководство на оваа партија. По барање на лидерот Венко Филипче, на синоќешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, целото раководство и членовите на Извршниот одбор на партијата поднесоа оставки. Од вчера, дел од раководните структури нема да бидат заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска, потпретседателите Каја Шукова, Кристина Костова, Методија Илиевски и Ана Чупеска и генералниот секретар Александар Димитриевиќ. Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
– Со овој одговорен и морален чекор, раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација за нова сила и за нова енергија на СДСМ – се вели во соопштението од партијата.
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата, а за функциите, според него, ќе се избираат најкомпетентните личности.
– Веќе разговарав со добар дел од луѓето, не би шпекулирал со имиња, меѓутоа не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите и во делот на раководството на партијата на ниво на потпретседатели и во делот на Извршниот одбор – изјави Филипче по седницата.
Барањето за темелни промени во социјалдемократските редови особено се засили по големиот пораз на неодамнешните локални избори. Во реакциите, се потенцираше потребата за нови кадровски решенија, но и за поголем дијалог во партиските редови и враќање кон изворните социјалдемократски вредности, кои биле загубени во последниве години. Сега практично му се оставаат одврзани рацете на лидерот Филипче да покаже дали може да испорача такви промени со кои на следните парламентарни избори партијата би го вратила загубениот рејтинг. Актуелната пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, која има искуство и во внатрепартиските избори за партиски лидер, изјави за весникот ВЕЧЕР дека ова е потег за поздравување, по кој треба да следуваат и други.
– Ја поздравувам одлуката и ја ценам како висок морален чин. Другарите и другарките што го направија тоа, ќе бидат особено почитувани поради оваа своја постапка. Ова не значи нивна пасивизација, затоа што искрените социјалдемократи продолжуваат со активизмот и кога немаат функција. Но, ова не е доволно и не е единствениот чекор што треба да се направи за враќање на социјалдемократијата во СДСМ. Нужно се потребни сериозни статутарни промени и програмско редефинирање. СДСМ има потенцијал и претседателот Филипче има сериозна задача и одговорност да предложи тим и концепт за исполнување на оваа мисија – нагласи Петровска.
И ексградоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој неодамна си го пасивизираше членството, ја поздрави одлуката.
– Како „замрзнат“ член, сметам дека, иако дел од претходните одлуки на раководството на мојот СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движење напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена – напиша Костадинов на својот профил на „Фејсбук“.
Но, дел од поранешните функционери на СДСМ сметаат дека секоја промена без заминување на лидерот Венко Филипче е залуден обид. Поранешниот претседател на партиската градска организација за Скопје, Васко Кичевски, смета дека Филипче прави очајнички потег.
– Филипче се наоѓа во улога на човек што очајнички се обидува да се одржи на позицијата и притоа ја префрла вината за неуспесите на сите други околу себе. Кога губи, коцкарот посегнува и по последното што го поседува, а тоа е неговиот дом. Потегот што го повлече Венко уште еднаш покажува дека СДСМ е султан-партија и нема никаква врска со демократска партија – соопшти тој, инсистирајќи дека мора да се промени моделот на функционирање од темел.
И Софија Куновска, која порано, исто така, беше на чело на скопската организација, објави дека СДСМ драматично тоне.
– Исход: сите дома, тој останува. Ако помине уште ова кај „интелектуалците“ и кај членството во СДСМ, нека се подготват партијата да се задолжува и натаму додека не се „потроши“ и зградата. Во меѓувреме, сите да бидат средство во функција на личните интереси на неколку криминални лика, чии дела што им демнат со затворски казни над глава, треба да застарат. Венко никогаш и немал на ум идеја дека е дојден да победува СДСМ – нагласи Куновска.
Поднесувањето колективна оставка е редок пример во практиката на македонските политички партии. Поголеми промени, на кои партиите најчесто беа принудувани по големите порази на изборите, најчесто се правеа на партиските конгреси, со акцент на оние кадровските. Во историјатот на СДСМ, едни од најголемите промени се случија на конгресот во 2009 година, во Охрид, каде што тогашниот лидер, Бранко Црвенковски, изврши голема смена на дотогаш искусните кадри. Тогаш, во тимот на Црвенковски не влегоа многу звучни партиски имиња, меѓу кои: Владо Бучкоски, Радмила Шекеринска, Горан Минчев, Никола Попоски, Ѓорѓи Спасов, Благој Ханџиски, Илинка Митревска, Димитар Бузлески… Како нови лица беа промовирани секретарот Андреј Петров, потпретседателите Гордан Георгиев, Зоран Заев и Зоран Јовановски… Но, и оваа промена не донесе до изборна победа на следните избори. Големи промени имаше и на конгресот во 2013 година, кога на чело на партијата дојде Зоран Заев заедно со тим нови соработници, кои по изборите во 2016 година успеаја да дојдат на власт во коалиција со ДУИ. Искуствата, меѓутоа, покажуваат дека правењето само кадровски промени не е гаранција за успех и за враќање на загубениот рејтинг, туку дека за тоа се потребни и други фактори врзани за начинот на владеење на партијата на власт, економската состојба во општеството, расположението на населението и слично.
Политичките аналитичари укажуваат дека не треба да се очекува враќање на СДСМ на победничките патеки за кратко време.
– Сметам дека беше кратко времето за СДСМ да покаже резултат на локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ е во зенитот на моќта и рано е кој било да ја загрози. Меѓутоа, власта успеа да направи и дефокус од своето лошо владеење со постојаните прозивки на СДСМ дека треба да се реформира, дека не е способен итн. и тие тези фатија корен во јавноста и резултираа со силен притисок врз Филипче. Тој е доведен во ситуација или самиот да си оди или другите околу него да си одат. Тој го избра второто. Мое мислење е дека ниту еден лидер или екипа на СДСМ не можеше да ја врати партијата на победничките патеки само за една година, во услови на триумфалната победа што ја оствари ВМРО-ДПМНЕ лани – оценува аналитичарката Соња Крамарска за весникот ВЕЧЕР.
Според неа, во услови кога е длабоко нарушен демократскиот амбиент за какви било опозициски пројави, Филипче има тешка задача.
– Мислам дека ќе му биде тешко на Филипче да состави екипа, бидејќи секој што ќе дојде во таа екипа, знае дека СДСМ нема лесно да се дигне и дека на тој пат, многу од клучните кадри ќе изгорат додека да се случи успех. СДСМ се потроши во изминатите три децении, на државнички прашања, додека ВМРО-ДПМНЕ мислеше само на својот рејтинг и не преземаше чекори што може да ја загрозат. СДСМ треба постојано да потсетува на „убиството“ на евроинтеграциите, на влошената демократска атмосфера и на генералната неподготвеност на Владата да се справи со секојдневните проблеми. СДСМ е, сепак, политички субјект што мора да покаже заби или повторно ќе се вратиме на тоа што бевме во 2010-2017 година – потенцира Крамарска. (Б. Ѓ.)
Партиски повици до Јавното обвинителство за истрага
Бараме Јавното обвинителство да постапи за големиот корупциски скандал со тендери од речиси 9 милиони евра, доделени на фирма со само двајца вработени, изјави денеска Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Најголемата опозициска партија деновиве ја обвини Владата за криминал со кој на фирмата „Дигитал оне“, формирана на крајот од август лани, со само двајца работници за една година ѝ биле доделени државни тендери од речиси 9 милиони евра.
Кузеска кажа дека станува збор за 9 милиони евра пари на граѓаните, кои треба да завршат кај граѓаните, а не во џебовите на врхушката на власт и во Белата палата.
– Власта на големо спроведува грабеж преку шема за испумпување на народните пари. Ова се истите шеми на Никола Груевски и на Сашо Мијалков, со кои се испумпаа 2 милијарди евра пари на граѓаните. Мицкоски само го продолжува тоа што го научил од своите учители – рече Кузеска.
Од друга страна, владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, и денеска продолжи со обвинувањата за злоупотреба со отписот на 2.000 тони жито од стоковните резерви на државата, во вредност близу 800.000 евра, во време кога Зоран Заев беше премиер, а Љупчо Николовски министер за земјоделство.
– По отписот на 2.000 тони жито од стоковните резерви во вредност од 800.000 евра, кој е подарок од Заев и Филипче за Љупчо Николовски, следната година, тој му возвраќа на Заев со грант за фирмата „Тргопродукт“, а во тоа време овој грант од 1,4 милион евра бил втор најголем грант во историјата на ИПАРД-програмата – рече Валентин Манасиевски од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го повика Обвинителството да го истражи овој случај до крај.
– Сега е шансата на Обвинителството да се покаже, да почне постапка по допрен глас и да ги провери сите овие сомнежи. А додека Филипче ги разрешува сите околу себе, освен самиот себе, нека одговори до кога ќе ја држи функцијата претседател на СДСМ, само за да им „удоволи“ на Заев и на нивните бизнис-интереси – рече Манасиевски.












