Во соработка со Шумарскиот факултет, средните шумарски училишта од Демир Хисар и од Кавадарци, Националниот парк „Пелистер“ започна со спроведување на мерките за ревитализација на старата моликова шума.
Првичните мерки што ќе бидат преземени се отстранување на оштетените, паднатите и заболените стебла, кои ќе бидат спроведени со максимална претпазливост, согласно со Законот за шумите и исклучиво во соработка со експертите и со сите надлежни органи.
Мерките на терен ќе ги спроведуваат најискусните вработени во НП „Пелистер“, кои ги поминале целиот свој живот и работен век во установата.
– Заедно со експертите сме согласни најнапред да се изработи студија за одгледување и ревитализација на моликата, со што ќе се дефинираат и прецизираат сите понатамошни чекори, па дури потоа да се продолжи со спроведување на другите мерки. Станува збор за долгорочен и макотрпен процес, кој подразбира и континуиран влог на сите што се дел од активностите што ќе следуваат. Сигурни сме во едно: спроведувањето на мерките ќе трае најмалку пет години, а првите резултати ќе може да се забележат по повеќе од десет, петнаесет, па и повеќе години. Пелистер е нашиот симбол на обединување, тука нема попуштање и сите заедно ќе работиме на зачувување на најстарата моликова шума во рамките на Националниот парк – потенцираат од НП „Пелистер“.