Почна обележувањето на велосипедските патеки

43

Општина Битола започна со конкретни чекори кон подобрување на урбаната мобилност и поттикнување на здрави животни навики. Станува збор за обележување на новите велосипедски патеки, како дел од планот за развој на вело инфраструктурата во градот.

Обележувањето се изведува во вечерните часови, а во оваа фаза, велосипедската патека ќе биде обележана на десната страна од улицата, на потегот од кружниот тек кај Педагошкиот факултет до кружниот тек кај „Веро“.

Паралелно со овие активности, продолжува и асфалтирањето на другиот дел од тротоарите и вело патеките на улицата „Партизанска“, со што, како што соопштија од општината, покажуваат континуирана грижа за инфраструктурниот развој и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.

– Ова е прв значаен чекор во реализацијата на долгорочната стратегија за одржлив транспорт и урбана мобилност во Битола. Граѓаните со години наназад бараа подобри услови за возење велосипед и изградба на велосипедски патеки, а денес, со сопствени средства од буџетот на општината, тоа го претвораме во реалност – истакна градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Според Коњановски, проектот има за цел не само да обезбеди безбедни услови за велосипедистите, туку и да придонесе кон намалување на загадувањето, сообраќајниот метеж и подобрување на квалитетот на живот во урбаната средина.

Со комплетирањето на вело патеките во должина преку пет километри, Битола прави значаен исчекор во модернизација на сообраќајната инфраструктура, во насока на еколошки и здрав начин на движење низ градот, притоа обезбедувајќи простор за велосипедисти, но и реконструирани тротоари за пешаците.

Овие велосипедски патеки долго време беа заглавени во Советот на Општина Битола.  Власта, односно советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сакаа да ги прават со парите од проектот „Smart4you2“, оние средства кои беа наменети за реконструкција на „Парк“, оти за таму не беа доволни по ковид пандемијата и економската криза кога пораснаа цените, па општината предложи тие пари да се искористат за велосипедските патеки. Но, советниците од останатите политички партии не се согласија и не дадоа одобрување, па градоначалникот Коњановски ги обвини дека се кочничари на развојот и идејата за поубава Битола.

Дури и тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир дојде на една средба со нив, но не успеа убедувањето, па Општина Битола со сопствени средства започна со реализација  на проектот.

ИЗДВОЕНИ