Денеска на пладне во скопскиот Клуб на пратеници започна средба на претставници на парламентарни политички партии кои имаат пратенички групи, свикана од премиерот Христијан Мицкоски. На средбата присуствуваат најголемиот дел од претставници на политички партии кои имаат пратенички групи во Собранието, со отсуство само на опозициската СДСМ. На тркалезната маса околу која седнаа претставниците сепак беше обезбедено и столче за претставниците на социјалдемократите, но тоа остана празно.
Во салата 4 во Клубот на пратениците влегоа премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од координаторот Никола Мицевски, потоа лидерот на ДУИ Али Ахмети, лидерот на Беса Билал Касами, на Левица Димитар Апасиев, додека претставници на Движењето ЗНАМ се генералниот секретар Горан Минчев и координаторот Бобан Карапејовски.
Пред средбата изјава за медиумите даде само Димитар Апасиев. Тој рече дека Левица нема ништо против да се укине моделот на „пржинската влада“ но и дека имаат свои услови.
-Нашите барања се воведување на една изборна единица и промена во Изборниот законик со која веќе нема да бидеме единствена цензурирана партија на парламентарните избори. Имаме и економски барања поврзани со барањата на синдикатите кои ќе ги изнесеме внатре. Не очекуваме ништо знаејќи го досегашниот лицемерен однос на властодршците од ДПМНЕ. Но, секогаш има прва шанса. Очекуваме дека ќе има конструктивен дијалог – рече Апасиев. (Б.Ѓ.)












