Од денеска вчера очите на јавноста се вперени во оџакот на Сикстинската капела во Ватикан, чиј бел чад траба да означи дека е избран нов папа. Попладнево почна состанокот познат како конклава, на кој кардиналите треба да го изберат новиот поглавар по смртта на папата Франсциск минатиот месец.
Во Сикстинката капела, каде што се гласа, влегоа 133 кардинали избирачи, помлади од 80 години, познати како „принцови на Црквата“. Повеќе од 50 од нив се од Европа и тоа повеќето се од Италија. Има и 10 од САД, 23 од Азија, 21 од Латинска Америка и 18 од Африка. Облечени во препознатливите црвени мантии, по мисата и ручекот тие ја напуштија куќата „Света Марта“, ги предадоа своите мобилни телефони и положија заклетва за тајност. Откако водачот на церемонијата изговори „Extra omnes!“, се заклучија вратите на капелата, а во неа останаa само кардиналите гласачи, лекарите и неколку службеници. За денеска, првиот ден од конклавата беше предвидено само едно гласање, а за наредните по четири. Се гласа додека не се избере папа. Ако по три дена гласање нема избор, кардиналите можат да земат еден ден одмор за молитва и размислување.
Изутрината Ватикан објави снимка од внатрешноста на Сикстинската капела, која е адаптирана за оваа пригода, од која можеше горе-долу да се долови на кој начин ќе гласаат кардиналите. Секој од нив добива маса, пенкало и гласачки ливчиња со натпис „Eligo in summum pontificem“ („Го избирам за врховен поглавар“), на кое го пишува името на кандидатот што го предлага. Пополнетиот лист се превиткува и се става во бронзена урна. Има тројца бројачи на ливчиња, тројца кои собираат гласови од болни кардинали и тројца контролори, кои секој ден се извлекуваат по случајност. Потоа листовите се бројат, па со игла се прободуваат кај зборот „eligo“ и се врзуваат во сноп. Потоа се горат во печка и со помош на хемикалија низ оџакот излегува црн чад ако гласањето е неуспешно или бел, кога е избран папа, а тогаш ќе заѕвонат камбаните на базиликата „Свети Петар“, како знак за „habemus papam“ – „имаме папа“.
Кога кандидат ќе добие доволен број гласови да стане папа, деканот на Кардиналскиот колеџ го поставува прашањето: „Дали го прифаќате канонскиот избор за врховен поглавар?“ Ако кандидатот се согласи, избира папско име, а другите кардинали ја изразуваат својата послушност кон него. Тогаш новиот папа оди во соседната „Соба на солзите“, каде што ја менува црвената кардиналска облека во бела папска облека. Вообичаено, однапред се подготвуваат три големини на одежди, а се верува дека овој пат ќе се користат одеждите од претходните конклави. Така облечен папата излегува на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и за првпат му се обраќа на насобраниот народ.
Конклавата може да трае од неколку часа до неколку недели, а неодамна еден од кардиналите за медиумите најави дека се очекува овој пат папа да се избере до петок попладне. Ден пред конклавата за главни фаворити се посочени долгогодишниот државен секретар на Ватикан и најблизок соработник на папата Франциск, 70-годишниот италијански кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле, кој има 67 години и се споменува како наследник на духот на Франциск, бидејќи се залага за сиромашните и отвoрено ги критикува злоставувањата во црквите.
Како што пишува „Индепендент“ првото навестување за насоката во која новиот папа ќе ја води Католичката црква ќе дојде со името што ќе го избере, зашто тоа носи симболика. Ако новиот папа го избере името Франциск Втори, тоа ќе биде јасен знак дека го продолжува патот на покојниот Франциск, со акцент на грижата за сиромашните и маргинализираните. Од друга страна, изборот на името Пиe, кое е најчесто користено папско име во 20 век, јасно би покажало дека на чело на Црквата доаѓа традиционалист. Во текот на првиот милениум од Католичката црква, папите генерално ги задржувале своите христијански имиња, а прв исклучок бил римскиот папа Меркуриј, од 6 век, кој го зел името Јован Втори, затоа што имал име на паганско божество. Најчестото папско име било Јован, кое го избрале 23 папи, по што следуваат Бенедикт и Грегориј, кои биле избрани по 16 пати. Само едно име е забрането, а тоа е Петар, поради почит кон апостол Петар, првиот папа, но и поради старата пророчка легенда дека папата Петар Втори ќе биде последниот папа во историјата.