понеделник, февруари 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се гради скејт-парк во Делчево

Се гради скејт-парк во Делчево

43

Општина Делчево започна со реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект наменет за младите и за развојот на туризмот. Станува збор за изградба на скејт-парк, кој ќе претставува ново катче за рекреација, спорт и забава за младите, но и дополнителна содржина во туристичката понуда на градот.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, информира дека проектот е воведен во работа за време на викендот и претставува директен одговор на потребите на младата популација.

– Ова претставува уште една понуда спакувана во туристичката приказна на Делчево – рекреација и забава за младите. Вкупната вредност на проектот изнесува 3.029.387 денари, а средствата се обезбедени преку ЕУ ИПА-програмата  – изјави Гоцевски.

Овој проект е еден од петте кои се реализираат во рамки на прекуграничната соработка со Општина Благоевград од Република Бугарија. Гоцевски нагласи дека двете општини имаат долгогодишна и успешна соработка во користење на европските фондови.

– Општина Делчево и Општина Благоевград се традиционални партнери во прекуграничната соработка и досега заедно имаме реализирано четири проекти од претпристапната помош од ЕУ ИПА-програмата, а во моментов го реализираме петтиот проект со вкупна вредност од околу еден милион евра европски средства – истакна Гоцевски.

Според него, средствата кои се инвестираат во Делчево се насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, што придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во пограничниот регион.

 

ИЗДВОЕНИ