Станува збор за еден од деловите на градот кој интензивно се развива, но досега немал соодветна комунална инфраструктура. Проектот ги опфаќа улиците: „Кожуф“, „Ристо Јанев“, „Караорман“, „Леонид Јанков“, „Миле Пецанов“ и „Панче Пешев“
Во Урбан блок 4.4 во Гевгелија започна изградбата на нова водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа.
Станува збор за еден од деловите на градот кој интензивно се развива, но досега немал соодветна комунална инфраструктура. Проектот ги опфаќа улиците: „Кожуф“, „Ристо Јанев“, „Караорман“, „Леонид Јанков“, „Миле Пецанов“ и „Панче Пешев“.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува преку 680.000 евра, а реализацијата се спроведува преку Програмата за подобрување на водната инфраструктура на општините, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, нагласи дека Проектот е резултат на барање на група граѓани и утврдената потреба на терен, по што била изработена целосна техничка документација и биле обезбедени сите потребни дозволи за градба. Исто така, тој најави дека по завршувањето на работите на подземната инфраструктура, ќе следува и целосно асфалтирање на сите опфатени улици, со средства обезбедени од буџетот на Општина Гевгелија.
– Со ова, Урбан блок 4.4 ќе добие комплетно и трајно решение за патна и комунална инфраструктура. Продолжуваме посветено да инвестираме со решенија што носат подобри услови за живот, за модерна и урбана Гевгелија – истакна Сарамандов.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, додаде дека со реализацијата на овој и на сите слични проекти, Владата и Министерството за животна средина и просторно плaнирање, придонесуваат за одржлив, сеопфатен и рамномерен развој на нашата држава.
– Следејќи ги потребите на граѓаните, а истовремено правејќи сериозен исчекор заедно ги забрзуваме промените кон одржлив развој на економијата и инфраструктурата и поквалитетен животен стандард, подеднакво за сите наши граѓани. Со реализацијата на Проектот ќе се обезбедат подобри комунални услуги и ќе се подигне квалитетот на живеење на повеќе од 2.500 граѓани кои живеат во овој урбан блок во општина Гевгелија и ќе се заштитат животната средина и биодиверзитетот – истакна Лашкоска.