Со поставување на камен-темелник, денеска почна изградбата на нова детска градинка во Триангла – Маџари, на територијата на Општина Гази Баба.
Градинката ќе биде со капацитет за 150 деца, што ќе овозможи поголема достапност на предучилишно образование и грижа за најмладите. Објектот ќе биде изграден на површина од 1.360 квадратни метри, ќе има приземје и кат, каде што ќе бидат сместени 10 занимални, две јасли и осум простории за поголеми деца.
Вредноста на овој проект изнесува 147 милиони денари, средства кои се обезбедени преку вториот повик на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски, на означувањето на почетокот од изградбата на новата детска градинка, рече дека продолжуваат со реализација на проектите.
– Продолжуваме како Влада да ги финансираме проектите што значат додадена вредност за граѓаните, еден од тие објекти е и овој, јас честопати велам дека секогаш онаму каде што има потреба од вакви објекти, ние сме тука како Влада веднаш да реагираме. Се радувам да има повеќе дечиња кои ќе ги користат овие објекти. Тоа што е ветено, треба да се реализира – нагласи Мицкоски.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека ова е уште еден важен чекор во посветеноста на подобрување на условите за децата и за нивното образование, како и на поддршката за младите семејства во општина Гази Баба.
– Граѓаните на општина Гази Баба ми ја дадоа својата доверба на изборите пред помалку од еден месец, и како што ветив, продолжуваме со континуираната реализација на нови проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот за сите нас. Нашата цел е да создадеме подобри услови за живеење, а оваа градинка е само еден од бројните проекти што ќе ги реализираме во наредниот период – нaгласи Стефковски.
Рокот за изградба на оваа градинка е 18 месеци.
– Сигурни сме дека по завршувањето, ќе им понудиме на нашите деца современи и безбедни услови за воспитание и за образование – заклучи Стефковски.
Тој додаде дека оваа нова градинка е трета по ред во општина Гази Баба, а во моментов е во тек постапката за избор на економски оператор за изградба и на четвртата нова детска градинка во Сингелиќ.
– Во наредниот период се очекува многу работа и многу нови проекти што ќе значат значително подобрување на инфраструктурата, образованието и на јавните услуги во нашата општина. Работиме заедно за да ја изградиме иднината на Гази Баба, за нашите деца, за нашите граѓани и за нашата заедница. Заедно продолжуваме по патот на прогресот – рече Стефковски.












