Запуштениот простор по должина на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе прерасне во модерен и функционален зелен простор – мегапарк.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денеска го означија почетокот на активностите за изградбата на мегапаркот. Со тоа, како што наведе Ѓорѓиевски, започнува реализацијата на првите проекти ветени од неговата програма.

Паркот што ќе се простира на површина од 8.000 квадратни метри, ќе има богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес-зони, содржини наменети за сите возрасти.
– Парковите се вистински зелени оази кои придонесуваат за поздрав живот и за почиста животна средина. Тие го подобруваат квалитетот на воздухот, го намалуваат ефектот на урбаните горештини, создаваат места за одмор, рекреација и дружење и го поттикнуваат заедништвото меѓу граѓаните. Инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето и во иднината на градот – истакна Ѓорѓиевски.
Ова е еден од четирите мегапаркови ветени во програмата на Ѓорѓиевски.
Дополнително, се предвидува изградба на околу 50 мали паркови во сите општини, со што, како што наведе Ѓорѓиевски, секој дел од Скопје ќе добие свој зелен агол.
Тој најави дека во Бутел ќе се изгради кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје.
– Целта е поголема безбедност и ред во сообраќајот и постигнување на визијата за град со нула фатални несреќи до 2030 година. Паралелно со тоа, ќе следува целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација, која конечно ќе го реши долгогодишниот проблем со поплави – изјави Ѓорѓиевски.
Според него, меѓу поголемите проекти што следуваат се реконструкцијата на стариот Качанички пат и развојот на економската зона Визбегово, како и ревитализацијата на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.












