Почна изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово. Од Општина Куманово информираат дека станува збор за потегот од улицата „Доне Божинов“ до улицата „Братство и единство“.
– Продолжуваме со подобрување на уличната инфраструктура. Пробивањето на трасата на „Октомвриска револуција“ во текот на летниот период беше одложено за есенва, поради метежот на средината од август – истакна градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Надлежните од Општината очекуваат дека со изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ со улиците „Доне Божинов“ и „Братство и единство“ ќе се намали сообраќајниот метеж во Куманово. Како што соопштија претходно од Секторот за комунални дејности, за овој проект се одвоени приближно 27 милиони денари, со вклучен данок на додадена вредност.
Проектот опфаќа реконструкција на дел од улиците што гравитираат на тоа подрачје, современо осветлување, асфалтирање. Претходно, Општината во неколку наврати одвои средства за експропријација на земјиштето.
Ова ќе биде четврти кружен тек во Куманово, по трите изградени на булеварот „Октомвриска револуција“: на влезот во Куманово, кај Серава и кај Митев мост.












