понеделник, февруари 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почна издавањето дозволи за рекреативен риболов  

Почна издавањето дозволи за рекреативен риболов  

37

Започнува издавањето дозволи за рекреативен риболов за 2026 година, во акумулацијата „Стрежево”. Јавното претпријатие „Стрежево“ од Битола денеска почна со издавањето дозволи за рекреативен риболов за 2026 година, за риболовното подрачје Стрежево.

Висината на надоместокот за дозволите за риболов на акумулацијата „Стрежево“ е утврдена на следниве износи: годишна дозвола за членовите на ЗСР „Стрежево“ – 1.000 денари (важност 365 дена од денот на издавање), годишна дозвола (редовна цена) – 1.500 денари(важност 365 дена од денот на издавање), месечна дозвола – 800 денари, тридневна дозвола – 500 денари, еднодневна дозвола – 200 денари.

Сите заинтересирани рекреативни риболовци можат да се информираат и да ги подигнат своите дозволи во управната зграда на ЈП „Стрежево“.

Почна сезоната на спортски риболов и по Радика и Мавровското Езеро, информираат од управата на Националниот парк „Маврово“. Риболовот ќе биде дозволен до крајот на октомври. Оттаму појаснуваат дека спортскиот риболов на Мавровското Езеро е дозволен до 31 мај, во текот на викендите и на државните празници, а понатаму ќе може да се риболови секој ден. Спортскиот риболов на Мавровското Езеро е дозволен за сите видови риби, освен пастрмка, која е во период на природно мрестење.

По Радика и притоките, дозволени денови за риболов од 1.2.2026 година до 30.9.2026 година се: петок, сабота, недела и државните  празници. Во летните месеци јули и август, риболовот ќе биде  дозволен секој ден.

За ловење риби на територијата на НП „Маврово“, потребно е да се  купи риболовна дозвола и да се поседува легитимација за спортски риболов, со платена членарина за тековната година.

Од Националниот парк „Маврово“ испраќаат апел до сите спортски риболовци да ги почитуваат законските одредби, забраните за риболов на одредени видови риби во одредени периоди од годината, како и дозволениот број и минималната големина на уловот.

Дневната риболовна дозвола чини 300 денари, годишната 5.000 денари, додека за категориите ученици, студенти и пензионери годишната дозвола чини 3.000 денари. За месното население, износите се за половина пониски од редовните.

Дозволите може да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови и онлајн, на сајтот на паркот.

ИЗДВОЕНИ