Стартува сезоната на магла полна со отровни честички. Скопје, според „Ај-кју ер“, се најде на второ место на најзагадени градови во Европа, а денеска беше на 26. место по загаденост во светот. Слична е состојбата и во другите градови низ државата – Струмица, Кичево, Битола, Тетово, Куманово, Велес беа, исто така, како гасни комори. И додека здравствените власти апелираат до граѓаните, особено до ранливите категории (деца, повозрасни лица, хронично болни и бремени жени), поголем дел од денот да го поминуваат во затворени простории, по можност со прочистувачи на воздух и да избегнуваат подолг престој на отворено, Министерството за екологија место решение, извести дека подготвиле нова веб-страница, на која може да се пристапи преку постојната адреса https://air.moepp.gov.mk и, како и досега, може да се гледаат во реално време концентрациите на загадувачките честички и супстанции во воздухот што ги покажуваат мерните станици низ државата

Магла полна со отровни честички и други супстанции ги затекна скопјани утрово. Оваа ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога се случуваат температурни инверзии, што предизвикува магла да ја покрие Скопската Котлина, а честички од штетни материи да се акумулираат под него.

Лош беше воздухот и во Битола, Струмица, Тетово, Куманово, Велес, Кичево, па дури и во Охрид и речиси да нема мерна станица во државава која го мери квалитетот на амбиенталниот воздух, а да не свети црвено.

Швајцарската апликација „Ај-кју ер“ (IQAir) го рангираше Скопје на второ место во Европа (по Сараево) и на 26. место во светот, според индексот на загаденост на воздухот 154, вбројувајќи го во категоријата „нездрав“. И Државниот мониторинг систем го оцени воздухот во Скопје како „многу лош“. Според утринските мерења вчера, највисоки концентрации на загадувачки честички во главниот град беа измерени во реонот кај Млечен ресторан и во населбата Острово, додека зголемени вредности беа регистрирани и во Центар и Чаир, а екстремно високи во Ново Лисиче. Концентрациите на ПМ10 беа над 180, а на ПМ2,5 над 120 микрограми на м3, во Карпош ПМ10 беа над 150, а на ПМ2,5 над 120 микрограми. Во Лисиче, во текот на ноќта, ПМ10 биле над 300 микрограми, а вчераутро над 130.

Сепак,  Скопје не беше најзагадениот град во Македонија. Струмица се најде на врвот со индекс на загадување 226. Во Битола, ПМ10 се искачија над 120, а ПМ2,5 над 100, во Велес над 140 и над 110, а во Кичево биле речиси 300, а ПМ2,5 над 270 микрограми на м3. Многу лош воздух се дишеше и во Тетово, каде што ПМ2,5 беа над 130, а во Куманово над 110.

Според податоците од новиот портал на Државниот мониторинг на воздухот, од 17 денови во декември, мерните места во Струмица, Кичево и Лисиче регистрирале 13 надминувања на максималните вредности на ПМ10 честички. Во Центар, во Скопје и во Гостивар било загадено 12 дена, а кај Ректорат, Кавадарци и Велес, 11 дена во овој месец. Инаку, на новата веб-страница може да се пристапи преку постојната адреса https://air.moepp.gov.mk и како и досега, може да се гледаат во реално време.

Здравствените власти апелираат до граѓаните, особено до ранливите категории (деца, повозрасни лица, хронично болни и бремени жени), поголем дел од денот да го поминуваат во затворени простории, по можност со прочистувачи на воздух и да избегнуваат подолг престој на отворено.

Ваквата состојба со високи концентрации на суспендирани честички кои се ризик по здравјето на луѓето, се повторува секоја година во зимскиот период. И секоја година надлежните институции најавуваат мерки, програми и проекти за почист воздух. Лани, во истиот период, Министерството за животна средина презентираше шестгодишна програма со план како да го исчисти воздухот до 2030 година. На  јавноста ѝ беше презентирана и анализа на причинителите на аерозагадувањето, како и анализа на проектите за решавање на дел од проблемот во урбаните средини со степен на реализација, финансиска и временска рамка, надлежни институции… Дури и за секој проект беше речено дека е дополнително разработен со план на активности, буџет, извори на финансирање, имплементација во соработка со надлежната институција.

Во програмскиот пакет се опфатени главните области што влијаат на квалитетот на воздухот, а тоа се: енергетиката, индустријата, транспортот, земјоделството, шумарството итн. Програмскиот пакет опфаќа и мерки за намалување на емисијата на честички од домашните ложишта, како и од јавните објекти, од индустриските процеси и од возилата и насоки како да се управува со таквите емисии. Направена е и анализа на причинителите на аерозагадувањето, како и анализа на проектите за решавање на дел од проблемот во урбаните средини со степен на реализација, финансиска и временска рамка, надлежни институции.

Пет општини во земјата – Струмица, Гостивар, Струга, Кавадарци и Куманово – подготвија локални планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, во согласност со европските барања и локалните потреби. Овие документи се клучни за утврдување на главните извори на загадување и дефинирање на мерки за нивно намалување.

Изминатава година, Центарот за климатски промени работеше на изработка и на ажурирање на плановите во соработка со општините. Во Струмица, процесот започна од нула, со целосен инвентар на емисии и анализа на ризиците по здравјето, додека во Гостивар, Струга, Кавадарци и Куманово беа ревидирани постојните планови за да ги одразат актуелните состојби и потреби.

Плановите содржат конкретни мерки – од намалување на емисиите од сообраќај и индивидуално греење, до зголемување на зелените површини, енергетска ефикасност, инспекциски надзор и активности за поголемо вклучување на граѓаните. За секоја мерка се утврдени индикатори, чекори за реализација и временска рамка. Имплементацијата веќе започна: во секоја општина е избрана и финансирана по една мерка предложена од граѓаните, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ имплементиран од УНДП.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ