Почна големата акција за пошумување „Зелена Општина Илинден“

1

Во рамките на акцијата, која ќе трае во наредниот период, ќе бидат насадени над 600 садници од повеќе вида, а целта е да се придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, за унапредување на животната средина, како и за подобрување на условите за живеење

 

Со садење високорастечки декоративни дрвца кај новото основно училиште и кај домот за стари лица во Илинден, вчера почна големата акција за пошумување, која се спроведува на повеќе локации на територијата на Општина Илинден, во рамките на проектот „Зелена Општина Илинден“.

Во рамките на акцијата, која ќе трае во наредниот период, ќе бидат насадени над 600 садници од повеќе вида, а целта е да се придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, за унапредување на животната средина, како и за подобрување на условите за живеење.

Заедно со општествено одговорните компании, граѓаните, учениците, јавните претпријатија, општинската администрација, се сади покрај пешачко-велосипедските патеки, улиците, патиштата, училиштата, детската градинка, спортските терени, пределот во населеното место Мршевци што беше зафатен од пожарите во текот на летниот период, како и на други јавни површини.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, нагласи дека грижата за екологијата и за здравата животна средина е заедничка одговорност и дека Општината сè почесто организира вакви еколошки акции.

– Со проектот се настојува да се создаде почиста и позелена општина и да се подигне еколошката свест кај населението – нагласи Георгиевски.

ИЗДВОЕНИ