Од пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечерва започна големата акција „72 часа чисто Скопје“. На платото пред спортскиот центар се наоѓаат десетици камиони, цистерни и механизација подготвени за чистење на Скопје.
Фото:П.Стојановски

– Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе да блесне градот Скопје онака како што практично им ветив на моите сограѓани. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала, рече Ѓорѓиевски.

Тој на почетокот на акцијата истакна оти Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град.
-Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно, изјави Ѓорѓиевски при стартот на акцијата.

Вечерва пред „Борис Трајковски“ се скопските градоначалници – на Општина Аеродром Дејан Митески, на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајкоска и на Карпош Сотир Лукровски, но и Бобан Стефковски од Гази Баба и Александар Стојковски од Ѓорче Петров, кои дадоа поддршка на заедничката иницијатива за почисто и поуредено Скопје. На почетокот на акцијата беше прсутен и премиерот Христијан Мицкоски.
Тој на неговиот Фејсбук профил објави дека „вечерва има голема акција за чистење на сметот во Скопје“ и фотографија од почетокот на акцијата.













