Од улицата „Коперникова” во населбата Драчево, започна сеопфатната теренска интервенција за чистење и уредување на јавните зелени површини, која ја реализира Општина Кисела Вода од денеска, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ под ингеренции на Град Скопје.
Екоакцијата се спроведува преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита во Општина Кисела Вода и опфаќа собирање на лисната маса, расчистување на паднатите гранки и отпадоци, кастрење на сувите дрвја, како и уредување на јавните тревници и на појасите со тревна вегетација во сите урбани и месни заедници.
Од Општина Кисела Вода информираа дека активностите се одвиваат согласно со претходно изработен план на општинските служби, дополнет со пријавите и барањата од жителите.
При тоа, додаваат дека на терен се ангажирани целокупната механизација и екипите на Општина Кисела Вода и на ЈП „Паркови и зеленило“, а опфатени се парковите и јавните зелени површини на територијата на Општина Кисела Вода. Вакви теренски зафати, доколку дозволат временските услови, ќе се одвиваат во текот на целата недела.
– Со овие зафати, директно ги подобруваме изгледот и хигиената на јавниот простор. Целта ни е секое маало да биде почисто и поуредено, а ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период. Воедно, апелирам до граѓаните да се вклучат со одговорно однесување и со заедничка грижа за животната средина – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска- Трајкоска.
Денеска акцијата продолжува на улиците „Народни херои“ и „Пушкинова“.












