Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, го разреши командантот на претседателската почесна гарда на Венецуела, генерал Хавиер Маркано Табата, неколку дена откако американските сили го заробија венецуелскиот лидер Николас Мадуро во рација во Каракас и го одведоа во Њујорк за да се соочи со судење по обвинение за вмешаност во трговија со дрога и оружје, објави вчера Би-Би-Си.
Претседателската почесна гарда е воена сила задолжена за заштита на шефот на државата, а разрешувањето на генералот е една од првите големи промени во внатрешниот круг на привремената претседателка.
Покрај тоа што е задолжен за претседателската гарда, Маркано Табата го предводеше и Генералниот директорат за воена контраразузнавање на Венецуела (DGCIM).
Според Обединетите нации, DGCIM одигра клучна улога во репресијата врз луѓето кои ја критикуваа владата на Мадуро.
Независна мисија на ОН за утврдување факти откри дека единицата за контраразузнавање извршила бројни кршења на човековите права од 2013 година.
Генералот Густаво Гонзалез Лопез, кој беше назначен за негов наследник, ја предводеше националната разузнавачка служба, Себин, која се соочува со слични обвинувања.
Себин го контролира озлогласениот затвор Ел Хеликоиде во Каракас, каде што ОН документираа злоупотреби извршени против „опозиционери, новинари, демонстранти и бранители на човекови права“.












