Започна уште еден значаен инфраструктурен зафат на територијата на општина Кисела Вода. Улицата „Киро Фетак“, дел од регионалниот пат Р-1106 кој ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром, Зелениково и Студеничани со автопатот, добива нов асфалт, тротоари и рабници. Дополнително, се врши и санација и проширување на мостот кој долго време претставуваше опасна сообраќајна точка.
Проектот се реализира по апликација на Општина Кисела Вода до Владата, а санацијата ја спроведува Јавното претпријатие за државни патишта.
– Паралелно, се проширува и мостот, кој во изминатите години важеше за опасна точка каде се случуваа многу сообраќајни незгоди. Општина Кисела Вода до Владата аплицираше со проект за целосна санација на постојниот мост, додека Јавното претпријатие за државни патишта ја реализира санацијата и проширувањето на самата улица – објасни градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека овој проект е од исклучителна важност за жителите на неколку општини, но и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.