Срцето ѝ се распукнало од тага. Само два месеци по смртта на синот Матија, таа не издржа во борбата со депресијата и самотијата, со солзите пролиени и по синот и по сопругот Арсен Дедиќ
Габријела Габи Новак е родена на 8 јули 1936 година во Берлин, Германија, како ќерка на Ѓуро Новак од Јадранскиот остров Хвар и Елизабет Рајман, државјанка од Германија. Детството го поминува во Берлин, а со доаѓањето на Хитлер на власт, семејството Новак заминуваат на Хвар, каде ќе остане во текот на Втората светска војна. По капитулацијата на Германците, тие се селат во Загреб. Таму, Габи се запишува и дипломира на Факултетот за применети уметности, отсек графика. Кусо работела како илустратор во Загреб-Филм, во Студиото за цртани филмови.
Сепак, во шлагерска музика и во шансоната се вљубила кон крајот на 1950-тите. Набргу нејзиниот препознатлив и специфичен глас ѝ овозможил да биде една од најомилените пејачки на југословенската музичка сцена во тоа време. Во текот на следните години, па се до распадот на Југославија се стекна со огромна популарност. За време на својата богата кариера, снимила голем број албуми и синглови со хитовите: Вино и гитаре, Он ме воли на свој начин, Што је љубав, Храбри људи, Гази драги срце моје и секако најомилената Памтим само сретне дане.
Тереза Кесовија – најдобрата и најверната пријателка на Габи Новак
Соработувала со врвни композитори, пејачи-колеги и музичари: Кемал Монтено, Тереза Кесовија, Радојка Шверко, Стипица Калоѓера, Арсен Дедиќ, Данијела Мартиновиќ, Мери Цетиниќ, и со синот Матија џез-музичар….. Габи се стекна со гомила бројни награди, вклучувајќи неколку награди за интерпретации, за албум на годината, за најдобар женски вокал. Во 2006 година добива и “Порин“ за животно дело. Во бракот со легендарниот Арсен Дедиќ ѝ се роди синот Матија истакнат џез-пијанист, кој за жал почина во јуни оваа година, само на 52 години. Габи Новак ќе ја памтиме и по исклучителни концерти на секаде од Вардар до Триглав.
Приватно ќе ја памтиме и како исклучително елегантна дама, но и како драга комуникативна личност. (Д.М.) фото:архива-ФБ