Почина проф. д-р Кирил Темков, едно од најзначајните имиња во македонската етика и филозофија

32

Кирил Темков, едно од најпознатите имиња во интелектуалниот свет на Македонија многу децении, филозоф и етичар, почина денеска во Скопје на 82 години.

Генерации студенти на Филозофскиот факултет ја добија својата наобразба под своевидното менторство на Темков, на кои им претставуваше, па дури и всадуваше што значи етиката во нивниот ангажман, а и во личниот живот. Тој беше спиритус мовенс на познатата Естетичка лабораторија на Филозофскиот факултет од социјалистичките години, која се претвори во своевидна агора на слободомислечките, културно независните и алтернативни поединци во академскиот свет. Се чини дека по тие години на Естетичката лабораторија ниеден дамар не биел толку силно на скопскиот универзитет како тој тогаш.

Како филозоф и етичар Темков беше познат далеку преку границите на македонската држава, а особено влијателен и ценет во регионот. Неговиот интерес за музиката, особено џезот, поттикна илјадници да го засакаат овој жанр. Беше поборник за воведување на предметот Етика во училиштата. Според неговите учебници се изведува наставата по Етика во основните и во средните училишта кај нас.

Роден во Кавадарци во 1943 година, учеше во Белград и во Скопје, дипломираше (1968) и докторираше филозофија (1982) на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

ИЗДВОЕНИ