среда, јануари 21, 2026
Дома МАГАЗИН Почина Милена Радман од Неготино, жената на која Рајко Дујмиќ ѝ ја...

Почина Милена Радман од Неготино, жената на која Рајко Дујмиќ ѝ ја посвети хит-песната „Милена, генерацијо моја“

947

Тешко дека некој не ја знае песната „Милена, генерацијо моја“, испеана во осумдесеттите години, од тогашната популарна загрепска група „Нови фосили“, со доаѓањето на русокоса пејачка Сања Долежал, во бендот. Песната во меѓувреме стана евергрин. Но, ретко кој знае дека песната се однесува на една наша Македонка, на Милена Радман од градот Неготино. За жал, таа Милена, жената чија животна приказна беше инспирација за авторот на песната, композиторот Рајко Дујмиќ, и за текстописецот Зринко Тутиќ-Тутико, вчера почина.

Тажната вест ја објави нејзината внука, артистката Мира Митрова.

– Со големо жалење ја споделуваме веста дека почина Милена, жената чија деликатност и животна приказна станаа вечен дел од југословенската музичка историја. За пошироката јавност, таа беше инспирација за безвремениот хит на „Нови фосили“, но за нашето семејство, таа беше моја тетка, родена сестра на мојот татко. Рајко Дујмиќ ѝ посвети песна за вечноста. Засекогаш ќе остане во нашите срца. Почивај во мир! – емотивно напиша нејзината внука, Мира.

Инаку, хит-мејкерот Рајко Дујмиќ ја запознал нашата Македонка Милена едно лето, на Јадранско Море, во градот Херцег Нови. Како што потоа раскажа тој, нивниот разговор траел цела ноќ:

– Беше премногу фина, зборлива, како да се познававме сто години. Зборувавме до раните утрински часови. Милена беше социјална работничка во Неготино. Кажав дека ми даде огромна инспирација да напишам песна за неа. Не ми веруваше, мислеше дека ѝ го велам тоа на секоја девојка. Но ѝ ветив. Се разделиме, но не знаевме дека пак ќе се сретнеме. А, ете, судбината сакаше да се видиме пак.

Нивната средба се случила на концерт во Неготино, во рамките на турнејата „Милена генерацијо“. Дујмиќ се сеќаваше на тој момент кога ја сретнал повторно:

– Ми пријде редарот и ми кажа дека ме бара една жена со две деца и со сопругот. Беше тоа мојата Милена. Кога ме виде, почна да плаче. Не можеше да верува дека е можно такво нешто. Тогаш ѝ кажав дека човек се држи за збор, а вол за рогови.

Песната „Милена, генерацијо моја“ е објавена во 1983 година, на албумот на „Нови фосили“, „Послије свега“, кој е продаден во златен тираж. Песната навистина стана безвремена, препознатлива за генерации и генерации. Денес се смета за класика на југословенската забавномузичка сцена. (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ