Целата македонска естрада, од вчера, се простува од својата сакана колешка, пејачката Бади (Небахад) Бекир. Занесната русокоса, естрадната грација почина на 63 години по тешко боледување. Многу емотивни проштални објави се упатени до пејачката и до нејзиното семејство, а еден од нив е и оној на познатата водителка од телевизија Канал 5, Драгица Стевковска-Дракче. Водителката на популарното кулинарско ТВ-шоу вели дека Бади, која ѝ е и пријателка, херојски се борела до последен здив.
– Ми беше и гостинка во мојата емисија, а последен пат се слушнавме не така одамна. Тогаш и реков: “Биди силна Бади, бори се со болеста, ќе ја победиш“. Таа некако загрижено ми возврати: „Се борам мила, но имам ужасни болки!“ Вчера, таа замина во вечноста. Нека ѝ е вечен мирот во небесата без болки. Нека се смее и пее, зашто тоа најмногу ѝ прилегаше.
Бади беше (фолк) пејачка која со децении ја красеше македонската естрада со својата гламурозна убавина. И со песните кои допираа до срцата. Последните години од животот живееше повлечена од естрадата, посветувајќи им го времето на своите најблиски, особено на внуките, кои беа нејзината најголема радост.
Првото стапнување на сцена на Бади ѝ се случи уште во детството, како член на игроорната група каде што ги изучуваше македонскиот и турскиот фолклор. Вистинскиот музички почеток на естрадата го направи во 1985 година, кога имаше успешно фестивалско деби. Оттогаш започнува нејзиниот пат исполнет со труд, со хитови, со талент и со неброено многу интерпретации и настапи. Беше и дел од многу турнеи на ексјугословенски пејачи, меѓу кои највпечатлива е турнејата со популарната Весна Змијанац, за која Бади често знаеше да каже дека ѝ е музички идол. Освен на македонски, Бади пееше и на турски, албански и на српски јазик.
Сè на сè, имаше плодна кариера. Долги години беше дел од атрактивниот музички женски квартет, „Четири грации“, во кој со неа беа и познатите Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Сариќ. Со овој познат квартет имаше бројни настапи на концерти, фестивали, прослави… Во 2002 година сите заедно ја имаа и турнејата во далечната Австралија, кај македонските иселеници. Во 2006 година, Бади Бекир одбележа 20 години од музичка кариера.
Со нејзиното физичко заминување, македонската (фолк) музика загуби една од своите најнежни, воедно и најубави пејачки. Бади Бекир остави зад себе богат музички репертоар. Нека почива во мир. (Д. М.)












