Почина Мајкл Мадсен, актерот познат по улогите во филмовите на Квентин Тарантино, меѓу кои и „Убиј го Бил: Томови 1 и 2“ и „Касапски кучиња“. Имаше 67 години. Мадсен беше пронајден без свест во својот дом во Малибу, а неговиот претставник рече дека се чини оти станува збор за срцев удар.
„Во последните две години, Мајкл Мадсен работеше неверојатни дела во независниот филм, вклучувајќи ги претстојните филмови „Патот на воскресението“, „Отстапки“ и „Готвач за јужните домаќинки“, и навистина се радуваше на ова следно поглавје од својот живот. Мајкл, исто така, се подготвуваше да објави нова книга насловена „Солзи за мојот татко: Одметнички мисли и песни“ која моментално се подготвува. Мајкл Мадсен беше еден од најзначајните актери во Холивуд, кој ќе им недостига на многумина“, изјавија менаџерите на Мадсен.
Мадсен го играше господин Блонд во „Касапски кучиња“, криминалистичкиот филм од 1992 во кој глумеа и Харви Кајтел, Тим Рот, Крис Пен, Стив Бушеми, Лоренс Тиерни, Едвард Банкер и режисерот Тарантино. Во една од најзапаметените сцени во филмот, неговиот лик му го сече увото на полицаец додека танцува на песната „Stuck in the Middle With You“ од „Стилерс вил“.
Мадсен продолжи да соработува со Тарантино и на филмовите „Убиј го Бил“, како и на „Омразените осуммина“ и „Беше еднаш… во Холивуд“. Неговата филмографија опфаќа повеќе од 300 филмови, меѓу кои ги „Дони Браско“, „Телма и Луиз“, „Град на гревот“, „Дорс“, „Видови“, „Малхоландски Водопади“, и „Беше еднаш во Мексико“.