На 96 годишна возраст почина Коста Балабанов, доајен на македонската историја на уметноста и археологија, автор на повеќе од 200 стручни и научни трудови посветени главно на средновековната уметност, филмски и телевизиски сценарист. Долги години беше почесен конзул на Јапонија во Република Македонија.
Роден е на 5 април 1929 го Штип. Од 1953 работеше во Централниот завод за заштита на споменици од културата, во својство на историчар на уметноста-конзерватор. Во 1955 дипломира историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Како стручњак за средновековната уметност, во 1955 ја објавува својата прва посебна книга посветена на истражувањата на Топличкиот манастир, Демир Хисар.
Со филм почнува да се занимава како автор на сценарија и на текстови за документарни филмови од областа на археологијата и средновековната уметност на територијата на Македонија. Соработувал со „Вардар филм“ и ТВ Скопје (МРТВ) и според неговите текстуални подлоги, реализирани се 32 документарни филма (или епизоди), често синхронизирани на странски јазици.
Од 1981 работеше во Републичкиот завод за заштита на спомениците, а во 1994 беше именуван за почесен генерален конзул на Јапонија во Македонија и за директор на Јапонскиот информативен центар во Скопје.
На 5 април 1989 година се пензионира. За своите активности има добиено бројни награди и признанија меѓу кои се и: 1975 година Медал и Диплома за извонреден придонес во заштита на културното наследство, на Сојузот на здруженијата на конзерватори на Југославија; 1986, Претседателството на Заводите за заштита на спомениците на културата на Полска, во Варшава, му доделува медал Памјаткови, во знак на признание за успешна соработка; 1995 година, Министерството за надворешни работи на Јапонија го прогласува за истакната личност која придонесува за соработката на Јапонија со странство; Во 2001 година во Токио, Министерот за надвореш ни работи на Јапонија му доделува Сребрен пехар со Златен амблем на Министерството за посебни заслуги околу продлабочувањето на пријателството и соработката помеѓу Јапонија и Република Македонија. Истата година, на конкурсот на Јапонската Државна Фондација, на кој биле пријавени 167 кандидати од целиот свет, Балабанов ја добива како прв од двајцата добитници “Специјалната награда на Фондацијата за 2001 година.












