Хозе Мухика, поранешен левичарски герилец кој подоцна стана претседател на Уругвај, почина во вторникот на 89-годишна возраст, објави уругвајскиот претседател Јаманду Орси на мрежата X.
„Со длабока тага, објавуваме дека почина нашиот другар Пепе Мухика. Претседател, активист, водич и лидер. Многу ќе ни недостигаш, стар пријателе“, напиша актуелниот лидер на земјата, Орси.
Поранешниот герилец некогаш беше познат како „најсиромашниот претседател“ во светот затоа што даваше поголем дел од својата плата и возеше стар Фолксваген Буба додека беше на функција од 2010 до 2015 година.
Мухика, познат на Уругвајците како Пепе, ја водеше левичарската влада на малата јужноамериканска земја од 2010 до 2015 година, убедувајќи ги гласачите дека неговото радикално минато стои зад него.
Тој, исто така, доби меѓународна поддршка поради неговиот цврст антиконзумеристички став. За време на неговиот мандат, Уругвај донесе голем број прогресивни закони.